Полската полиција уапси осомничен за убиството на Скрепецки - руски уметник и критичар на Кремљ
- Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека многу околности упатуваат на политички мотивирано убиство, иако се потребни дополнителни докази. Според Туск, доколку се утврди вмешаност на Русија, станува збор за „државен тероризам“.
Варшава, 18 јуни 2026 (МИА) – Полската полиција уапси осомничен за смртоносното пукање врз руски уметник во егзил и критичар на Кремљ, четири дена по нападот, соопштија денеска властите.
- Истражителите сè уште проверуваат дали некој му помогнал на осомничениот во планирањето на убиството или при неговото бегство - изјави портпаролот на полицијата во источниот регион Љублин.
- Во овој момент, сепак, сè укажува дека лицето дејствувало самостојно при извршувањето на нападот - изјави полицискиот портпарол Анджеј Фијолек.
Жртвата, руски перформанс-уметник и карикатурист познат под псевдонимот Семјон Скрепецки, беше застрелан со пет куршуми на улица во источниот полски град Бјала Подласка во понеделникот.
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека многу околности упатуваат на политички мотивирано убиство, иако се потребни дополнителни докази. Според Туск, доколку се утврди вмешаност на Русија, станува збор за „државен тероризам“.
Случајот повторно ги отвори прашањата за заканите поврзани со руската војна во Украина и пошироката руска агресија, кои сè повеќе се чувствуваат и во Полска, членка на НАТО и на Европската Унија.
Полицијата и антитерористичките единици го уапсиле осомничениот во хостел во градот Пјастув, во близина на Варшава.
Осомничениот има криминално досие, изјави координаторот на полските разузнавачки служби Томаш Сјемонјак, цитиран од ПАП. Истражителите внимателно ја проверуваат и можната вмешаност на странски разузнавачки служби или држави.
– Позната практика на странските служби е да регрутираат криминалци за различни операции – изјави Сјемонјак.
Идентитетот на уапсениот сè уште не е целосно утврден.
„Уапсеното лице користело пасош издаден на 36-годишен грузиски државјанин“, соопшти полицијата во Љублин.
Фијолек подоцна изјави дека е многу веројатно осомничениот навистина да е грузиски државјанин, иако проверките продолжуваат. Радиостаницата РМФ објави дека постојат индиции оти пасошот можеби бил фалсификуван. Според медиумот, осомничениот би можел да биде Чеченец.
Скрепецки (44) беше познат по карикатурите на рускиот претседател Владимир Путин, советскиот диктатор Јосиф Сталин и други влијателни личности. Минатата недела тој учествуваше на протест против руската војна во Украина пред руската амбасада во Берлин.
Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров исто така беше честа мета на неговата сатира. Постојат бројни индиции дека противниците на Кадиров биле прогонувани не само во Русија, туку и во странство.
Пред апсењето во Пјастув, двајца белоруски државјани беа привремено приведени во врска со случајот, но подоцна беа ослободени бидејќи не беа пронајдени докази што ги поврзуваат со злосторството.
Според Туск, и полската полиција и домашната разузнавачка служба му понудиле заштита на Скрепецки, но тој од засега непознати причини ја одбил. ссм/
фото: архива