• недела, 22 декември 2024

Поетот и писател Владо Јаневски добитник на наградата „Стојан Христов“ на СВП

Поетот и писател Владо Јаневски добитник на наградата „Стојан Христов“ на СВП

Струга, 24 август 2024 (МИА) - Македонскиот поет, писател и ликовен уметник Владо Јаневски од Австралија е годинашниот добитник на наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга со поезија од иселеник што ја доделува Агенцијата за иселеништво, во рамки на „Струшките вечери на поезијата“.

Жири-комисијата во состав Митко Гогов, претседател и Иван Шопов и Игор Трпески членови од пристигнатите пет книги, одлучи ова признание да го додели на Јаневски за поетската збирка „На грбот на неповратот“.

- Поетската збирка „На грбот на неповратот“ од македонскиот поет, писател и ликовен уметник Владо Јаневски од Австралија несомнено се издвојува од останатите по квалитетот, поетскиот пристап, како и естетските вредности со кои се одликува. Јаневски пишува приказно и прецизно, стилски префинето, а стиховите се надоврзуваат ритмично, честопати со наративните тонови балансирајќи меѓу личното и колективното, интимното и општочовечкото, стои во образложението на жири-комисијата.

Песните, како што е наведено, се испишани со куси, слободни стихови, а тоновите во нив се меланхолични, рефлексивни, на моменти мрачни, но и имплицитно бунтовни.

- Евидентна е и јасно видлива грижата за структурата на книгата при поделбата на пет тематски кохерентни циклуси, кои сочинуваат цврста заокружена целина, соопшти жири-комисијата. сс/цр

Фото: СВП

Остани поврзан