• недела, 22 декември 2024

Под Смоларскиот водопад се одржа традиционалната „Костенијада“

Под Смоларскиот водопад се одржа традиционалната „Костенијада“

Ново Село, 19 октомври 2024 (МИА) - Денеска на платото под Смоларскиот водопад се одржа 13. „Костенијада-Фестивал смоларскиот костен“ во чест на овој плод од планината Беласица. На манифестацијата присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски и голем број гости од Општина Ново Село и околните општини.

Според градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов со манифестацијата се промовира костенот кој расте на планината Беласица.

- Оваа стара грамадна планина дава убави дарови од природата. Имаме посетитили од нашата општина, од соседните, но и од регионот. Горд сум што можам да кажам дека оваа манифестација од година во година се повеќе е посетена и ги претставуваме нашите традиционални јадења преку изработки од локалното население, но може да се вкусат и убави костени, рече Божинов.

Споре премиерот Мицкоски, вакви настани можат да влијаат на развојот на руралниот туризам.

- Ете, јас со своето присуство само покажувам колкава е поддршката од страна на Владата, посебно на овие настани и ги охрабрувам вака да продолжат, но и воедно за мене претставува можност заедно со градоначалникот на Општина Ново Село, заедно со градоначалникот на Општина Босилово и останатите што се тука присутни градоначалници од општините да разговарам и за оној проект којшто го туркаме како Влада, којшто заврши. Следната недела веќе ќе имаме и официјализирање, потпишување на договори, колку проекти ќе почнат со реализација, колку проекти за следната година ќе имаме, едногласно и двајцата градоначалници и на Босилово и Ново Село кажаа дека овој проект е многу значаен за развој на овие општини. Од страна на Владата јас можам да кажам дека парите од унгарскиот заем се веќе на сметка на Народната банка, имаме половина милијарда стигната и почнуваме да работиме и испорачуваме она што го очекуваат граѓаните од нас, рече Мицкоски.

Манифестацијата традиционално ја орагнизира Општина Ново Село, а е финансиски поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Се одржа и богата забавна програма на која настапија играорците на КУД „Јане Сандански“ од Ново Село и пејачката Андријана Јаневска, а средствата што ќе се соберат од продажбата на печени костени ќе одат за КУД „Јане Сандански“ за набавка на нова народна носија и потребни реквизити. рт/цр

Фото: МИА

Остани поврзан