Повик за учесници во филмска работилница „ОКО”
- Културно социјален простор Центар-Јадро од Скопје објави повик за учество во аматерската филмска работилница „ОКО“, која ќе се одржи од 13 до 15 мај оваа година.
Скопје, 30 април 2022 (МИА) - Културно социјален простор Центар-Јадро од Скопје објави повик за учество во аматерската филмска работилница „ОКО“, која ќе се одржи од 13 до 15 мај оваа година.
Како што соопштија организаторите, концептот на работилницата е формирање на семејни екипи составени од два члена, дете и родител/старател, дедо или баба, и преку заедничко учење, гледање филмови, разговори и дружење, секоја екипа да создаде, сними и монтира своја филмска приказна.
Филмот може да е инспириран од семејните албуми, од соочувањата со генерациските јазови или од секојдневните современи предизвици како на пример урбанистичката промена во градот, екологијата и животната средина, социјалната правда. За учество во работилницата не е потребно никакво предзнаење или техничка опрема. Добродојден е секој кој сака едно поразлично семејно дружење и трансгенерациски предизвици.
Работилницата ќе заврши со финален настан за презентација во Центар-Јадро.
Работилницата ќе се одржи во просториите на Културно социјален простор Центар-Јадро, Скопје.
Секој кој сака да биде дел од оваа работилница треба да испрати меил со свои податоци на
„centar.jadro@gmail.com“, а од Центар-Јадро посочуваат дека на работилницата ќе можат да учествуваат првите пет екипи кои ќе се пријават на повикот.
Водачката на работилницата ќе биде Марија Џиџева, која работи на документарни и играни филмови и на повеќе телевизиски докуметарни проекти. Активно учествува и во филмска едукација на деца и млади со креирање и реализиање на филмски работилници.
Повикот е отворен до 10 мај. бт/дма/