• петок, 14 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Пињо: ЕУ не води воинствена, туку политика насочена кон траен и праведен мир во Украина 

Пињо: ЕУ не води воинствена, туку политика насочена кон траен и праведен мир во Украина 

Брисел, 12 март 2025 (МИА) – Европската Унија и Европската комисија водат политика насочена кон мирот и кон воспоставување траен и праведен мир во Украина, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо. 

Ваквата куса изјава Пињо ја даде во одговор на новинарско прашање дали по вчерашните преговори меѓу американски и украински претставници во Саудиска Арабија, Европската Унија ќе ја промени својата воинствена политика кон Украина.   

Одговарајќи на истото прашање, портпаролката на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика, Анита Хипер се повика на претходно објавеното соопштение дека Европската Унија „ја поздравува заедничката изјава на Украина и САД по нивниот состанок во Саудиска Арабија, вклучувајќи ги и предлозите за договор за прекин на огнот, хуманитарните напори и продолжувањето на размената на разузнавачки информации и безбедносната помош од САД“. 

- Европската унија е подготвена целосно да ја одигра својата улога во поддршката на претстојните чекори заедно со Украина, САД и другите партнери, додаде Хипер, цитирајќи делови од писмената изјава на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во врска со вчерашната средба на американски и украински претставници.  

Хипер додаде дека ЕУ останува на својата јасна позиција дека не може да има преговори за Украина без Украина и беа Европа, бидејќи тоа што влијае на безбедноста на Украина, влијае и на безбедноста на Европа. 

На прашање кој би ја претставувал ЕУ на евентуалните мировни преговори, Хипер без да даде конкретен одговор посочи дека Украина е врвен приоритет на високата претставничка Калас од нејзиниот прв ден на должноста и таа во изминативе 100 дена „ја вложи целата своја енергија и напори“ за поддршка на земјата. 

Запрашана дали иницијативата на Калас за воена поддршка на Украина се уште останува во игра, Хипер истакна дека „предлогот е на маса“ и дека во тек се разговори со земјите членки по него. 

- Во тек се дискусии како да обезбедиме Украина да биде силна и дека и да обезбедиме системи за противвоздушна одбрана и се она што и е потребно, истакна Хипер, додавајќи дека засега не може да потврди дали иницијативата ќе се најде на расправа на следниот Самит на ЕУ закажан за 20 и 21 март. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан