• недела, 22 декември 2024

Пирц Мусар пред албанските пратеници: Се соочуваме со сериозни глобални кризи, дипломатијата, единствено решение за крај на конфликтите

Пирц Мусар пред албанските пратеници: Се соочуваме со сериозни глобални кризи, дипломатијата, единствено решение за крај на конфликтите

Тирана, 23 мај 2024 (МИА) - Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, која денеска е во посета на Албанија, се обрати пред народните избраници во албанскиот парламент, при што меѓу другото оцени дека „светот се соочува со сериозни глобални кризи а дипломатијата, е единствено решение за крај на конфликтите“.

Таа ја спомена војната во Украина, за која рече дека дипломатски не се прави доволно за да се стави крај на конфликтот.

-Меѓународната заедница е на крстопат помеѓу доброто и злото. Доброто значи соработка, поделба на трудот и инклузивност. Зло, слепо тежнеење кон сопствените цели при игнорирање на другите. Почитувани пратеници во албанскиот парламент, мора да се спротивставиме на злото. Живееме во време на тешки глобални кризи. Има само еден начин да се одговори на овие предизвици за да се зачуваат нормите и вредностите. На јазикот на спортот тоа се нарекува тимска работа, рече таа, јави Еј-би-си њуз.

За жал, додала, сè уште треба да се справиме со наследството на реакционерното однесување и оти „руската агресија е најблискиот пример за нас“.

Додала дека ставот на нејзината земја е јасен, дека Руската Федерација го прекршила меѓународниот поредок, оценувајќи при тоа дека „условите во Украина се тешки“ и оти „улогата на дипломатијата не е соодветно дискутирана во овој конфликт“.

Порачала дека имаме само едно мото: „Обединети остануваме, поделени не успеваме“, дека „ЕУ без Западен Балкан не е Европска Унија“ и оти Албанија ги исполнува условите за отворање преговори. вт/мс/

Остани поврзан