• вторник, 12 мај 2026

Мерц: Германија е подготвена за мисија во Ормуз, но претпочита вклученост на САД

Мерц: Германија е подготвена за мисија во Ормуз, но претпочита вклученост на САД

Париз, 17 април 2026 (МИА) – Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека неговата земја е подготвена да учествува во мултинационална мисија за обезбедување на Ормуската Теснина, по можност со вклученост на САД.

Мерц говореше по консултациите чии домаќини беа Франција и Обединетото Кралство во Париз, а кои се однесуваа на потенцијална мисија на западните партнери за обезбедување на превозот во Ормуската Теснина.

Учесниците имаа за цел да подготват мултинационален план за заштита на меѓународниот превоз и слободата на пловидба низ Ормуската Теснина штом безбедносните услови ќе го дозволат тоа, пренесе ДПА.

Иако францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека претпочита операција која не ги вклучува страните во војната – мислејќи на Израел, САД и Иран – Мерц рече дека Берлин би сакал да види учество на САД „доколку е можно“.

- Тоа би било пожелно од наша гледна точка – рече тој.

Германија е подготвена да придонесе за обезбедување на слободата на пловидба во Ормускиот теснец преку обезбедување на чистење на мини и поморско извидување, според канцеларот.

- Ние сме способни за тоа – рече Мерц, додавајќи дека Германија ќе учествува во понатамошните разговори за воено планирање.

Тој исто така ја наведе потребата од јасна правна основа за учество на германските вооружени сили (Бундесверот) во меѓународна операција по завршувањето на војната, на пример во форма на резолуција од Советот за безбедност на ОН.

Дополнително, потребни се одлука на владата, мандат од Бундестагот и одржлива воена стратегија, додаде тој. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан