• вторник, 12 мај 2026

Мелони изјави дека Италија е подготвена да испрати морнарички единици во регионот на Заливот

Мелони изјави дека Италија е подготвена да испрати морнарички единици во регионот на Заливот

Париз, 17 април 2026 (МИА) – Италија е подготвена да стави на располагање морнарички единици за обезбедување на превозот во Ормуската Теснина покрај иранскиот брег, изјави денеска во Париз премиерката Џорџа Мелони.

Мелони ја даде изјавата по разговорите во францускиот главен град за можното воено распоредување во теснецот, кој е од витално значење за светските пазари на нафта.

Иран и САД во моментов се наоѓаат во несигурен прекин на огнот, чија цел е да се осигура заемно прифатлив извоз на нафта преку тесниот воден пат, пренесува ДПА.

Сепак, секое распоредување мора да добие одобрение од парламентот согласно италијанските уставни барања, рече Мелони.

Конференцијата во Елисејската палата беше иницирана од францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.

Покрај Мелони, присутен беше и германскиот канцелар Фридрих Мерц, додека десетици други земји и меѓународни организации учествуваа преку видео врска. Мерц изјави дека Германија е подготвена да учествува во мултинационалната мисија, но би претпочитала учество на САД, додека Макрон се залагаше за операција која не ги вклучува страните во војната.

Мелони ја опиша иницијативата на Макрон и Стармер како „исклучително важна“ и рече дека затоа требало да присуствува лично.

По неколкунеделна блокада поради војната со Иран, раководството во Техеран по почетокот на париската конференција соопшти дека Ормуската Теснина повторно е отворена за нафтени танкери и трговски бродови.

Во меѓувреме, САД имаат намера да ја задржат сопствената поморска блокада, која, како што нагласи претседателот Доналд Трамп, ги погодува само бродовите чие пристаниште на поаѓање или дестинација е Иран. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан