• вторник, 05 ноември 2024

Петти ден се трага по белгиски турист кој планирал планинарска рута во Северна Македонија и Албанија

Петти ден се трага по белгиски турист кој планирал планинарска рута во Северна Македонија и Албанија

Скопје, 22 септември 2024 (МИА) - Националниот сојуз на планинско спасување на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави дека петти ден се трага по белгиски турист кој имал рута за планинарење во Албанија и Северна Македонија.

- Од 18 септември, среда, во тек е голема акција за барање и спасување на белгиски државјанин, кој се движел по позната патека High Scardus Trail, почнувајќи од нејзината 14та етапа, во Hinoske, Albanija, со план за нејзино целосно завршување се до етапа 22, во Св. Наум, на Охридското Езеро. Во изминатите пет денови, во соработка со Интерпол, Граничната полиција и колегите од Планинската спасителна служба од Косово, пребарани се етапите 14 до 20, на територија од македонска и албанска страна. За жал, до овој момент не е пронајдена ниту една трага од исчезнатиот турист, се вели во објавата.

Од Националниот сојуз на планинско спасување информираат дека претседателот на Сојузот е во постојана комуникација со конзуларното претставништво на Белгија во Албанија, кое ја покренало акцијата за пребарување, како и со МВР и Интерпол во земјава.

Во пребарување на теренот, како што информираат од НСПС, се вклучени волонтери од Планинската спасителна служба при Црвениот крст Охрид, Здружението за заштита и спасување Асклепиј од Скопје, водичи од Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, Планинарски клуб Церн Камен од Вевчани, планинари од општина Ростуше, припадници на Граничната полиција, како и од Планинската спасителна служба од Косово, кои пребаруваат на албанска територија. аб/бак/

Фото: НСПС

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан