• среда, 18 декември 2024

Петровска: Се што правиме е за посилна македонска Армија и побезбедни граѓани

Петровска: Се што правиме е за посилна македонска Армија и побезбедни граѓани

Скопје, 17 јули 2023 (МИА) - Македонската Армија се модернизира интензивно и сеопфатно, сите набавки кои се прават се согласно побарувањата на Армијата и оваа опрема која се набавува е првенствено за нашата Армија, нејзините капацитети, можностите да се помогне на граѓаните секогаш кога е потребно, нагласува министерката за одбрана Славјанка Петровска во утринското гостување во емисијата SummerClick на ТВ21.

- Се модернизираат сите сегменти во Армијата кои долги години биле запоставени и не биле предмет на интерес на многу министри претходно. Во 2018 година се донесени многу јасни одлуки за тоа како нашата Армија ќе биде трансформирана и како таа ќе се модернизира. Модернизацијата на Армијата не може да се направи преку ноќ, за еден ден, недела, месец. Потребно е многу добро планирање, стратешка одлука за тоа кои капацитети на армијата во кој временски рок и како ќе бидат трансформирани, односно модернизирани. Јас ја имав таа чест минатата година да биде финализиран договорот за набавка на противвоздушен систем за одбрана, рекла министерката.

Петровска информирала дека минатата година бил потпишан и договорот за набавка на модерен артилериски систем, за кој испораката ќе започне во следните неколку години, за текот на испораката на лесните оклопни возила JLTV од кои 32 се веќе пристигнати, а пристигната е и комуникациската опрема која во моментов се интегрира во возилата, а во пред-конечна фаза на селекција е и процесот на набавка на осум нови повеќенаменски хеликоптери.

- Тим составен од припадници на македонската Армија и Министерството за одбрана кои се експерти во делот на воздухопловството заврши голема работа. По однапред утврдени побарувања од страна на македонската Армија, согласно плановите за тоа каков тип на капацитет ќе развиваме останати се три понуди, во текот на оваа или следната недела очекувам уште еден завршен брифинг во рамките на Министерството и Армијата и потоа таквата одлука да биде презентирана пред Владата, пред Претседателот на државата и во соодветна процедура која ја налага Законот за набавки од областа на одбраната и безбедноста, кога склучуваме договори Влада-со-Влада да биде донесена одлуката која ќе биде препорачана од овој тим, појаснува Петровска. 

Според неа, предлогот за набавка е согласно предвидените критериуми од страна на Армијата и дека во тој процес нема никакво политичко влијание или сугестии. Петровска појаснува дека од осумте хеликоптери, еден ќе биде посебно опремен како медицински хеликоптер, а останатите за транспорт на армиски припадници, гаснење на пожари, спасувачки мисии и слично, односно за сите потреби на Армијата и на граѓаните.

Сето ова е можно, истакнала Петровска, зашто имаме сериозни буџетски проекции и планови, и зашто одбранбениот буџет веќе следната година ќе достигне два проценти од БДП со што ќе го исполни и вториот критериум на НАТО. Оваа година, инвестицијата во одбраната е на ниво од 1,85 проценти од БДП, од кои 33 проценти се наменети за модернизација и опремување. цр/лв/

Фото:МО
 

Остани поврзан