• понеделник, 23 декември 2024

Петрова: Владата на СДСМ за 7,4 години потрошила 29,7 милијарди евра, не држат објаснувањата дека се трошело поради кризата

Петрова: Владата на СДСМ за 7,4 години потрошила 29,7 милијарди евра, не држат објаснувањата дека се трошело поради кризата

Скопје, 2 мај 2024 (МИА) - Вкупно 29,7 милијарди евра потрошила Владата во заминување изминатите седум години и четири месеци од 2024-та. Образложенијата дека јавните пари се трошеле заради кризните состојби не се потврдуваат со бројките и структурата на буџетските трошоци. Уште во првите три години по доаѓањето на власт, кога немаше никакви кризи, оваа Влада потроши 1,7 милијарди евра за „други трансфери“ или половина од износот што претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ го потроши за оваа ставка во цели девет години, рече денеска дополнителниот заменик министер за финансии Елена Петрова. 

На брифинг со новинарите, Петрова напомена дека Владата продолжила да троши за „други трансфери“ и во следните, кризни години и за седум години, како што информира, по оваа основа потрошила 5,1 милијарда евра. 

Петрова најави детални анализи и внатрешни контроли, како и проверки од надлежни органи ако се утврди дека има потреба. Ќе се отворат, рече, сите документи и ќе има одговорност за сите исплати, особено за оние што се поврзани со злоупотреби, корупција и криминал. Како што дополни, во проверките сигурно ќе се вклучи и Државниот завод за ревизија. 

Според Петрова, податоците се следат на дневно ниво, за веднаш, по формирањето на новата влада, да се направат анализите на трошењата. Ако се воочат какви било нерегуларности, одговорноста ќе се спушти до ниво на органите и телата што ги трошеле средствата.

- Зголемените трансфери почнале уште во годините пред да има каква било криза, што е доказ дека не се поврзани со кризите. Владата продолжила да троши средства и во следните, кризни години и за „други трансфери“ потрошила 5,1 милијарда евра или 1,5 милијарди повеќе во однос на ВМРО-ДПМНЕ за девет години. Во овие седум години Владата во заминување потроши 77,7 милиони евра повеќе за субвенции за јавни претрпијатија, 20,8 милиони или двојно повеќе за трансфери кон невладини организации, 44 милиони евра повеќе за плаќање по извршни пресуди, 1,1 милијарда евра повеќе за разни трансфери во однос на Владата на ВМРО-ДПМНЕ за девет години, напомена дополнителниот заменик министер.

Укажа и дека во предизборните четири месеци, Владата за „други трансфери“ потрошила колку што владата на ВМРО-ДПМНЕ потрошила за 9,5 месеци.

-Во овие месеци Владата исплати 3,3 милиони евра кон невладини организации што е повеќе за над 80 отсто во однос на она што го исплаќаше владата на ВМРО-ДПМНЕ просечно за цела една година, исплати 11 милиони евра по извршни исправи што е скоро двојно повеќе од износот што го исплаќаше ВМРО-ДПМНЕ за цела една година, потроши за разни трансфери 154 милиони евра, износ кој е повеќе за 14 отсто од она што го исплаќаше владата на ВМРО-ДПМНЕ просечно за цела една година, потенцира Петрова. 

И покрај поголемиот износ исплатен како разни трансфери, граѓаните, подвлече Петрова, не живеат подобро.

-Напротив, 600 000 граѓани живеат со само 150 денари ден, студентите не видоа подобар стандард, туку пред два месеца излегоа на протест со „црвени картони“ кон Министерството за образование и наука, нема подобри услуги од јавниот сектор кој има зголемени оперативни трошоци за работење, економијата не доживеа раст поради зголемените исплати кон претрпијатијата од Фондот за иновации или државната помош, туку е на последно место меѓу земјите од Западен Балкан. Низ годините имаше и многу скандали и афери како актуелниот со исплати од Агенцијата за млади и спорт кои зафаќаат значаен дел од трансферите во овие четири месеци или како скандалот со исплатите на социјалната помош без проверки што ги објави министерот за труд и социјала од редовите на ВМРО-ДПМНЕ или како што беше скандалот со проневерата на европски пари од Фондот за иновации, рече дополнителниот заменик министер за финансии. мч/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан