• понеделник, 23 декември 2024

Петнаесет млади поети ќе читаат на втората „Отскочна даска“

Петнаесет млади поети ќе читаат на втората „Отскочна даска“

Скопје, 17 септември 2023 (МИА) - Петнаесет млади поети на возраст од 16 до 25 години се избрани да читаат на „Отскочна даска #2“, преднастан на „Скопскиот поетски фестивал“. На конкурсот пристигнаа 54 пријави, а интерната жири-комисија составена од членови на управниот одбор и на организацискиот одбор на фестивалот го направија изборот.

Воедно, УО на фестивалот изрази задоволство од бројот на примените пријави, како и од квалитетот и талентот на кандидатите. Имињата на избраните се наведени по азбучен ред на презимето: Ангела Бошкоска, Сатја Александар Давитков, Софија Добревска, Дамјан Златановски, Христијан Илиевски, Дарија Јовановска, Макрина Јорданова, Марко Иван Кочишки, Ива Петреска, Теодора Прокоповска, Милена Сиљаноска, Стефан Спасевски, Пепи Стамков, Сара Стојановска и Методија Тасевски.

Настанот ќе се одржи на 24 септември од 20:00 часот во кафе-книжарницата „Буква“, а самите поети учесници ќе имаат задача да го/ја одберат најдобриот/најдобрата меѓу нив, за тој/таа да чита и на официјалното отворање на фестивалот на 27 септември, заедно со другите учесници во официјалната програма.

-Би сакале да им се заблагодариме на сите што ни пратија песни за прочит и да ги охрабриме да продолжат да пишуваат. Ќе ни биде драго ако присуствуваат на сите настани во рамки на фестивалот, а особено на работилницата за креативно пишување поезија што ќе ја одржи еден од најистакнатите современи малтешки писатели, универзитетскиот професор Имануел Мифсуд“ , велат организаторите.

„Скопскиот поетски фестивал“, чиешто трето издание ќе се одржи во периодот од 24 до 28 септември, е поддржан од Министерство за култура и од „Традуки“.лв/

Остани поврзан