• недела, 22 декември 2024

„Петарди НЕ, безбедност пред сè“ - превентивна активност на СВР Тетово и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија

„Петарди НЕ, безбедност пред сè“ - превентивна активност на СВР Тетово и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија

Тетово, 20 декември 2023 (МИА) – Во рамки на заедничките превентивно - едукативни активности на МВР и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје, денеска беа одржани стручни предавања во тетовски општински средни училишта „Никола Штејн“ и „8 Септември“, информираат од СВР Тетово.

Шест претставници, лекари од оваа Клиника во содејство и координација со полициски службеници од Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи Тетово одржаа стручни предавања - презентации на кои присуствуваа ученици од вкупно 18 паралелки.

- На предавањата посебно беше нагласен од лекарите ризикот од употреба на пиротехнички средства по здравјето на учениците, пред сè од повреди на рацете, очите и другите делови на телата. Покрај ова, учениците поблиску беа запознати и со законските импликации од набавување, продажба и од активирање на петарди и други пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови пред објекти, во влезови на станбени згради или училишта и слично. Тие беа и информирани дека продажбата и активирањето на вакви пиротехнички средства, покрај прекршочно може да се санкционира и со кривични пријави, зависно од околностите и крајните последици, информира портпаролот Марјан Јосифоски.

Вакви предавања утре ќе се одржат и во тетовските општински средни училишта „Кирил Пејчиновиќ“ и „Моша Пијаде“. Целта на кампањата, чие мото е „Петарди НЕ, безбедност пред сè“ е подигнување на свеста кај младите во пресрет на серијата празници, да не купуваат и активираат разновидни пиротехнички средства. ас/дма/

 

Фото: МВР 

 

Остани поврзан