• сабота, 21 декември 2024

Перински: Во Отешево сега има медицински третман по сите стандарди

Перински: Во Отешево сега има медицински третман по сите стандарди

Ресен, 10 октомври 2024 (МИА) - Пациентите во специјализираната установа во Отешево сега можат да добијат квалитетна здравствена грижа со значително подобрени услови и модерна опрема, истакна министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Промовирајќи го проектот за подобрување на здравствените услуги и создавање услови за рехабилитација на ранливи категории граѓани и пост ковид пациенти, Перински нагласи дека специјализираната установа во Отешево е единствена од тој тип во земјава, а од денес пациентите ќе може да добиваат медицински третман по сите стандарди.

-Благодарение на поддршката која ја имаме од Владата на Швајцарија, минато време е кога третманите се изведуваа во отежнати услови поради немање соодветна опрема и инфраструктура. Со реконструкцијата, ги подобривме условите за рехабилитација, а зголемен е и капацитетот на лицата кои имаат потреба од услугите кои ги нуди заводот. Ова е од исклучително значење, бидејќи тој по својата функционалност и начин на делување нема само регионално, туку и национално значење, затоа што тука се лекуваат и пациенти од целата држава, но и од регионот, посочи Перински. 

На свеченоста во Отешево и во присуство на градоначалниците од пелагонискиот регион, амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероник Улман истакна дека Швајцарија ќе продолжи да ја поддржува државата во напорите за локален развој. 

-Низ оваа неколкугодишна соработка придонесовме за зајакнување на капацитетот на регионалните центри кои се клучни за поддршка на општините да соработуваат и заедно да ги идентификуваат потребите и приоритетите на регионот. Регионите се соочуваат со широк спектар на развојни предизвици и затоа регионалните центри ги поттикнуваат општините преку регионалниот совет на партиципативен и транспарентен начин да одлучуваат за проекти кои директно ги адресираат потребите на луѓето, нагласи амбасадорката Улман.

Со пуштање во употреба на реконструираниот и реновиран капацитет, во Отешево, за првпат во историјата на Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски заболувања, се преземени значајни мерки за подобрување на квалитетот на здравствените услуги и работните услови за медицинскиот персонал.

Според градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, обновениот Завод во Отешево како болница од национално значење има потенцијал за развој на здравствениот туризам во регионот.мт/бт/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан