• петок, 22 ноември 2024

Перински во Врање: Нови 5,4 милиони евра за проекти за прекугранична соработка меѓу Србија и Македонија

Перински во Врање: Нови 5,4 милиони евра за проекти за прекугранична соработка меѓу Србија и Македонија

Белград, 16 септември 2024 (МИА) - Европската унија е целосно посветена на членството на Србија и Северна Македонија во Унијата и затоа поддржува проекти за прекугранична соработка, беше речено денеска во Врање на презентацијата на првиот повик за предлози за проекти за прекугранична соработка, во вредност од 5,4 милиони евра во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), на која присуствуваа министерот за локална самоуправа на Северна Македонија, Златко Перински, српската министерката за евроинтеграции, Тања Мишчевиќ, градоначалникот на Врање, Слободан Миленковиќ и шефот на делегацијата на Европската унија во Србија, Емануел Жиофре, јави дописникот на МИА од Белград.

-Повикот во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III) беше отворен на 5 септември, а сите потенцијални корисници имаат рок до 22 октомври да достават предлози кои преку овој проект ќе бидат кофинансирани од ЕУ со 5,4 милиони евра, соопштија од српското Министерството за евроинтеграции.

Министерот за локална самоуправа на Северна Македонија, Златко Перински, рече дека новата програма поддржува иницијативи кои поттикнуваат размена и меѓукултурна соработка.

-Програмата нуди можност за соработка во туристичкиот сектор на помалку развиените подрачја со оние подрачја кои се поразвиени, изјави Перински, се наведува во соопштението.

Министерот Перински изјави дека ИПА III изнесува 8,4 милиони евра, но дека на овој повик за проекти ќе бидат достапни 5,4 милиони евра.

-Тие пари ќе бидат поделени на два тематски приоритети - вработување и прекугранична социјална инклузија со 2,9 милиони евра, односно поттикнување на туризмот со 2,43 милиони евра, појасни Перински.

Српската министерката за евроинтеграции Тања Мишчевиќ рече дека од 2001 година, ЕУ има дадено повеќе од четири милијарди евра грантови за Србија и за Западен Балкан.

-Ваквите проекти за прекугранична соработка имаат за цел да ги промовираат добрососедските односи и да работат на нивно подобрување, имаат за цел да ја промовираат европската интеграција, но најважна цел е да се подобри социјалниот и економскиот развој на терен, каде што тоа најдобро се гледа, рече Мишчевиќ.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануеле Жиофре, рече дека вредностите на ЕУ се демократија, мир, слобода, посветеност на соработката, дијалог, просперитет и правда.

-Унијата е посветена на членството на Србија и Северна Македонија во ЕУ и сакаме да ја зајакнеме нивната прекугранична соработка, како начин за исполнување на заедничките цели за доброто на сите граѓани и со тоа зајакнување на патот кон просперитет и мир, рече Жиофре.

Градоначалникот на Врање, Слободан Миленковиќ, рече дека Врање има намера да аплицира со проекти од областа на туризмот на проектите за прекугранична соработка со Северна Македонија.

Мишчевиќ, Перински и Жиофре ќе посетат и три проекти во Врање кои беа реализирани во рамките на програмата за прекугранична соработка Србија - Северна Македонија и Бугарија - Србија.

Меѓу нив е и посетата на Јавното комунално претпријатие Комрад во чии рамки се реализираше проектот „Подобрување и заштита на здравјето на луѓето и животната средина преку намалување на ризикот од загадување преку ефикасно управување со отпадот“. Проектот опфати соработка со четири јавни комунални претпријатија, меѓу кои Комрад од Врање и три различни општини во Северна Македонија, а опфати мапирање и чистење на диви депонии, уредување на зелени површини и обука на околу 1.400 лица.

Министрите на Србија и Македонија ќе го посетат Јавното претпријатие Водовод Врање, кое е вклучено во реализацијата на проектот „Зајакнување на меѓународните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Србија со заедничка цел за подобрување на животната средина“. об/

Фото: Министерство за евроинтеграции РС

 

Остани поврзан