• недела, 22 декември 2024

Пендаровски: Очекувам пресврт во вториот круг на изборите

Пендаровски: Очекувам пресврт во вториот круг на изборите

Скопје, 2 мај 2024 (МИА) - Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вечерва во интервју за телевизија Алсат истакна дека е можен пресврт во вториот круг на изборите на 8 мај, бидејќи како што рече, убеден е дека мнозинството од граѓаните ќе го поддржат концептот кој го застапувал и во изминатите пет години како претседател, односно концепт на заедништво, почит кон луѓето кои обединуваат, реализација на стратешките интереси за државата, подобар живот, демократија и почитување на човековите слободи и права.

-          Ќе се обраќам на сите гласачи, на сите етнички заедници. И гласачите на албанските политички партии и гласачите на ЗНАМ и на сите други, и на овие две други политички партии кои имаа кандидати, а испаднаа во првиот круг. Меѓутоа како на граѓани. Нема да се обраќам и нема да правам заткулисни некои лидерски преговори или под маса, да ми дадете вие толку гласови, оние толку гласови. Јавно, транспарентно им кажувам на сите – ова е мојот концепт, јас се залагам за ова и мојот концепт е драстично различен од концептот кој го нуди Гордана Силјановска Давкова. Тоа мислам и кај многу Македонци и кај многу Албанци ќе значи. Но, повторувам – се обраќав до сега и ќе се обраќам од сега на граѓаните, независно за кого гласале во првиот круг и независно на која етничка заедница припаѓаат, потенцираше Пендаровски.

Во интервјуто тој се осврна и на повиците од ВМРО – ДПМНЕ за бојкот на вториот круг од претседателските избори, истакнувајќи дека со бојкот не се решава проблемот и не се победува, напротив со бојкот се губи.

Пендаровски, меѓу другото, зборуваше и за национализмот, за кој рече дека е опасно да се користи во секојдневната реторика, затоа што граѓаните не се свесни дека политичарите го говорат тоа само за да добијат политички поени.

-          Што по изборите? Што со раздорот којшто веќе е направен поради вашата реторика меѓу обичните граѓани? Тие не се политичари да знаат дека вие често пати свесно манипулирате. Иако, во конкретниов случај воопшто не сум убеден дека Силјановска Давкова манипулира со овој речник затоа што би сакала да добие повеќе гласови. Не. Таа, прво, воопшто не смета на гласовите на Албанците и на другите етнички заедници, а особено на Албанците и второ, таа верува во тоа. Не можете од 2001-ва до денес четврт век да бидете против сите овие документи и акти кои ја направија Македонија стабилна и членка на НАТО, а да ви биде тоа само за изборни цели, потенцираше Пендаровски.

Прашан за реториката на неговата противкандидатка Гордана Силјановска Давкова за случувањата во 2001-вата година, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски рече дека е запрепастен. аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан