• понеделник, 23 декември 2024

Пендаровски: Не е доставен никаков документ од Софија, со месеци наназад не се водат преговори

Пендаровски: Не е доставен никаков документ од Софија, со месеци наназад не се водат преговори

Скопје, 13 септември 2021 (МИА) - Во врска со таканаречениот нон-пејпер кој беше објавен денеска во медиумите, Кабинетот на претседателот Пендаровски информира дека со Република Бугарија со месеци наназад не се водат никакви преговори и поради тоа од Софија до Скопје не е доставен никаков документ.

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, ставот на претседателот Пендаровски во однос на идентитетот и јазикот на македонскиот народ е јасен и непроменет, за тоа досега ниту се преговарало, ниту пак ќе се преговара во иднина.

Претходно, Владата соопшти дека за Северна Македонија официјален е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со Европската Унија и оти тој предлог овозможува решенија прифатливи за сите страни. Ова беше наведено во одговорот на Владата на прашањето на МИА дали во оптек е нов нон-пејпер за решавање на спорот меѓу двете земји, кој денеска го објави телевизија Клан без да наведе конкретен извор, а за кој наводно се запознати и Скопје и Софија, но и поважните земји-членки на Унијата.
- Република Северна Македонија останува посветена во процесот, со цел надминување на разликите со Република Бугарија, со што и би се отстраниле пречките за почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Тоа е во интерес на граѓаните на двете држави, а со тоа и на европската агенда. Се надеваме дека колку може поскоро ќе се создадат политички услови во Бугарија за да се отвори можноста за интензивен дијалог меѓу Скопје и Софија за решавање на прашањата кои предизвикаа блокирање на процесот на проширување на ЕУ, се додава во одговорот од Владата.
Нон-пејперот, кој беше објавен денеска од ТВ Клан содржи неколку точки како насоки за решавање на спорот.  Според објавениот документ на Република Бугарија ќе и се дадат гаранции за зацврстување на сегашниот концепт на нација – држава, при што ќе и се признае историски контекст за бугарското потекло на нејзините граѓани без исклучок и со тоа Бугарија, како што се наведува, ќе се ослободи од траумата дека преку малцинските права ќе и се загрози долгорочната стабилност и безбедност. нд/бак/

Остани поврзан