• понеделник, 23 декември 2024

Пендаровски - Лудва: Чешка била, е и секогаш ќе биде силен поддржувач на членството на Северна Македонија во ЕУ

Пендаровски - Лудва: Чешка била, е и секогаш ќе биде силен поддржувач на членството на Северна Македонија во ЕУ

Скопје, 26 јануари 2022 (МИА) - Чешката Република била, е и секогаш ќе биде истраен и силен поддржувач на амбициите на Северна Македонија да стане членка на Европската Унија, истакна новоименуваниот чешки амбасадор во земјава, Јарослав Лудва за време на предавањето на акредитивните писма на претседателот Стево Пендаровски.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, нагласи дека двете земји ги поврзува традиционално и искрено пријателство засновано на разновидна соработка, меѓусебно почитување и отворен пристап, додавајќи дека со Чешка, која е важен сојузник и партнер на Северна Македонија, споделуваме заеднички европски вредности на меѓусебно разбирање и меѓусебна почит.

Истакнувајќи дека граѓаните на Република Северна Македонија високо ја ценат поддршката на Чешката Република за нашиот евроинтегративен процес, претседателот Пендаровски изрази уверување дека на неа може да сметаме и во иднина, особено за време на чешкото претседателство со Советот на Европската Унија во втората половина од оваа година.

- Во овој контекст, длабоко верувам дека натамошната блокада поставена од една од земјите членки на Унијата не е од ничиј интерес и убеден сум дека почетокот на пристапните преговори не само што ќе придонесе за натамошно стабилизирање на состојбите на Западниот Балкан, туку нам, како држава, ќе ни овозможи побрзо и поефикасно имплементирање на неопходните реформи, особено во оние сфери кои се критично важни за европската интеграција, посочи претседателот Пендаровски.

Чешкиот амбасадор нагласи дека билатералните односи и соработка се одлични, а Северна Македонија е ценет пријател и важен НАТО партнер додавајќи дека Чешката Република била, е и секогаш ќе биде истраен и силен поддржувач на амбициите на Северна Македонија да стане членка на ЕУ.

- Ќе продолжиме да ја поддржуваме агендата за проширување исто така и во рамките на претстојното чешко претседателство со ЕУ во втората половина на 2022 година, при што Западен Балкан ќе биде наш географски приоритет број еден. Подготвени сме да ви помогнеме и во вашите внатрешни реформи, споделувајќи ги на тој начин нашите искуства што ги стекнавме на нашиот сопствен европски пат, истакна амбасадорот Лудва.

Претседателот Пендаровски на новоименуваниот амбасадор на Чешката Република, Јарослав Лудва, му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција. дма/сп/

Остани поврзан