• четврток, 09 мај 2024

Пендаровски: Врвен приоритет на македонската држава е негувањето на соживотот во нашето општество

Пендаровски: Врвен приоритет на македонската држава е негувањето на соживотот во нашето општество

Скопје, 27 јануари 2024 (МИА) – Добрососедството, втемелено врз заемно почитување и соработка врз рамноправни основи, е единствената алтернатива на ретроградните процеси и на заострената реторика што, за жал, сѐ почесто се слуша во нашиот регион. Оваа традиционална Светосавска академија е уште една прилика, на симболичен начин да ги потврдиме нашите добри намери и да продолжиме да градиме мостови на соработка меѓу двете пријателски држави, менувајќи го вековниот имиџ на нашиот регион од проблематичен во просперитетен дел на Обединета Европа, порача претседателот Стево Пендаровски на годинашната Светосавска академија.

 Честитајќи го 27 Јануари – Националниот ден на српската заедница во земјава истакна дека целта на ваквите празници е, преку потсетување на минатото, да ја обединат и да ја подготват заедницата за тековните предизвици, но и за потфатите насочени кон иднината. 

-Врвен приоритет на македонската држава е негувањето на соживотот во нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Како уставно призната и општествено ценета, српската заедница е нераздвоен дел од македонскиот мозаик и активно придонесува за изградбата и за развојот на нашата заедничка македонска татковина. Меѓу нас, вечерва, се дел од бројните истакнати припадници на српската заедница, кои го збогатуваат нашиот општествен, научен, културен, спортски и политички живот. Ви благодарам за вашиот ангажман и ве охрабрувам да продолжите да го давате најдоброто од себе за добробит на нашата заедничка држава, рече Пендаровски.

Квалитетните меѓуетнички односи, посочи, ги надополнуваат и добрите односи меѓу нашите две пријателски држави кои потврдуваат дека и на Балканот, билатералните односи можат да се градат со заемно почитување, без притисок и без условувања.

-Пред две години сведочевме на обновата на евхаристичкото единство меѓу Македонската православна црква ─ Охридска архиепископија и Српската православна црква. Иако, и Македонија и Србија се со устав дефинирани како секуларни држави, сепак, православните цркви низ целата наша историја, исто како и денес, се важни не само за духовниот идентитет на православните христијани, туку и за националниот и за културниот идентитет на македонскиот и на српскиот народ. Република Србија и Српската православна црква имаа конструктивен став кон ова за нас исклучително важно прашање, за што сум особено благодарен, посочи Пендаровски.

Овој историски настан, додаде, не само што ги спушти тензиите во тој сегмент од нашите взаемни односи, туку ја отвори и можноста за прославување на најголемиот македонски празник, 2 Август – Илинден, на местото каде што е формирана современата македонска држава – во манастирот „Св. Прохор Пчински“.

-Взаемната поддршка не е само симболична, туку е и конкретна и таа доаѓа до израз и во моменти на елементарни непогоди, кризи и други сериозни предизвици, како што беше помошта на почетокот на процесот на вакцинацијата во екот на пандемијата. Ваквиот однос не треба да изненадува. Македонскиот и српскиот народ имаат децениска историја на соживот, вклучително и во поранешната заедничка држава. Од взаемното почитување се развија и лични пријателства и роднински врски кои траат со генерации. Во тој контекст, македонската заедница во соседна Република Србија и српската заедница кај нас се стабилен мост на пријателство меѓу двете држави, истакна Пендаровски.

Нагласи дека во услови на мултиплицирани кризи и безбедносни предизвици во Европа и на глобално ниво, на Западниот Балкан наместо рециклирање на анахроните митови од 19 век, во оваа трета деценија на 21 век, му се потребни демократски реформи, забрзан економски раст и инфраструктурно поврзување.

-На Балканот одамна е дојдено времето за решавање на секојдневните проблеми и реалните потреби на обичниот човек. Најсериозната долгорочна безбедносна закана за државите од регионот е да останеме без нашите млади луѓе. Ако сакаме нашите граѓани да не се иселуваат насекаде низ Европа и светот, треба да градиме инклузивни и праведни општества на благосостојба во кои луѓето ќе сакаат да живеат и да формираат семејства. А тоа ќе го направиме ако работиме на меѓусебното поврзување и наше заедничко интегрирање во големото европско семејство на народи, потенцира Пендаровски.

Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека Македонците им се најблизок народ на Србите.

-Ние немаме поблизок народ од македонскиот и тоа јасно го кажувам пред целата српска и македонска јавност. Ние ништо не бараме од вас и немаме никакви услови за било што. Ништо не очекуваме и единствено што би сакале е да имаме подобри и поблиски односи. Ние не ви бараме никакви промени на Уставот, тоа е ваша внатрешна работа. Ние не ви бараме ништо и единствено од вас очекуваме и се надеваме да ја прифатите нашата братски пружена рака. Немаме ниту еден меѓусебен проблем, рече Вучиќ.

Нагласи дека двете земји имаат поставено големи цели.

-И едните и другите се наоѓаме на европскиот пат, но и едни и други мораме да водиме сметка за себе на просторите на кои живееме. Си поставивме големи цели и високо ја подигнавме скалата сакајќи да ја изградиме Србија и да го направиме се она што не е направено во историјата на Србија. Верувам дека за само 15 години од 2012 до 2027 година БДП од 32 милијарди евра да го подигнеме на 100 милијарди. Тоа можеме да го направиме само со ваша помош и со соработка со сите во регионот, рече Вучиќ и ги повика Македонците да учествуваат во големиот проект ЕКСПО 27 со своите компании и работници.

За Свети Сава или Растко Немањиќ наречен татко на црквата и на училиштата рече дека бил принц, монарх, архиепископ, учител, помирувач, творец и уште многу повеќе.

-Приказната за Свети Сава може да се сведе на еден збор – избор од првиот на Растко до последниот на Сава на државата и на црквата да им обезбеди прав наследник и да се повлече. Кога ќе се види историјата може да се заклучи дека можеби ништо не се променило. И денеска нашиот пат зависи од изборот, од тоа дали како народ ќе ја избереме слободата или нечија власт над нас, независност или вазалство, суверенитет или полтронство. Токму затоа и нашата земја во овој момент не е во едноставна и лесна ситуација. Без разлика на се нашата Србија го избра патот на слободата, суверенитетот и независност. Се наоѓаме на европскиот пат, но сме единствена воено неутрална земја која љубоморно ја чува таа своја воена неутралност и никогаш нема да му дозволи на било кого да ја чува нејзината слобода, небо и земја, потенцира Вучиќ.

Истакна дека не е лесно да се остане на европскиот пат без да се откажеш од своите традиционални пријатели и да не им го завртиш грбот во тешките моменти.

-Како Сава ги избираме начините на кои ги остваруваме нашите цели и благодарение на неговите лекции јасно ни е дека мирот и единство  се основните услови за наш опстанок и развој. Во бурни времиња Свети Сава знаеше да примени бурни потези, но само кога беа потребни само за воспоставување на единството и зачувување на мирот и на запад ја бараше круната, а на исток архиепископијата. Најважно е што го избра училиштето и законите она што е најважно и за денешнината, рече Вучиќ.

Премиерот во оставка Димитар Ковачевски посочи дека денеска чествуваме еден од најсветлите личности во историјата на српскиот народ кој бил духовен и интелектуален творец на идејата за српската државотворност.

-Ќе остане запаметен во историјата на народите на овие простори. Одбележувањето на Свети Сава за нас и за нашата држава е порака за заедништво, почит и меѓусебна соработка, бидејќи мисијата на овој светител била да се има трпеливост, помирување помеѓу луѓето, ширење на љубов, меѓусебна почит темелена на вистина и верба, рече Ковачевски. 

Чествувајќи го Свети Сава, потенцира, ги славиме трајните вредности и несебичното вложување на целото битисување за градење на такво наследство за генерациите што доаѓаат по нас.

Нагласи дека секоја втора куќа во Куманово има некого кој е Србин по род и затоа, додаде, Куманово со својата разноликост претставува еден од најубавите градови во државата. Порача дека со Србија имаме цврсти и искрени пријателски односи и додаде дека во изминатите неколку години се обезбедени многу олеснувања за граѓаните од двете земји преку различни економски иницијативи во рами на Отворен Балкан.

-Нашите две земји даваат нови импулс на заедничкиот економски простор, на поврзаниот регионален пазар за зајакнување на нашите економии и имаат заедничка иднина која зависи од нас, рече Ковачевски.

Иван Стоилковиќ, претседателот на Организацискиот одбор за одбележување на националниот ден на Србите во Македонија посочи дека оваа Светосавска академија е најдобра од сите 14 претходни заради тоа што претседателот на Србија Александар Вучиќ е присутен на неа првпат, а по првпат е присутен и претседателот Стево Пендаровски.

На Свечената Светосавска академија присуствува и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата Александар Николоски. Светосавска повелба доби и македонскиот поет и писател, академик Влада Урошевиќ.вј/свс/

Фото: МИА, Влада и Принтскрин

Остани поврзан