• недела, 22 декември 2024

ПАСОК станува главна опозициска партија во Грција по распадот на Сириза

ПАСОК станува главна опозициска партија во Грција по распадот на Сириза

Атина, 21 ноември 2024 (МИА) - Грчката социјалдемократска партија ПАСОК стана водечка опозициска сила во парламентот откако повеќе пратеници ја напуштија левичарската партија Сириза.

ПАСОК, кој во минатото беше доминантна партија во Грција, сега има шанса да се натпреварува со десноцентристичката Нова демократија, предводена од премиерот Киријакос Мицотакис. Сириза, која до неодамна беше водечка опозициска партија, сега има само 29 пратеници, додека ПАСОК располага со двајца повеќе.

Падот на Сириза започна со серија внатрешни проблеми, вклучувајќи борби за лидерската позиција. Клучен момент беше напуштањето на двајца пратеници, кои дополнително ја ослабнаа партијата.

Со новиот статус како главна опозициска партија, ПАСОК добива и поголеми привилегии, вклучувајќи повеќе време за говор во парламентот. Партијата планира да го искористи овој момент за да привлече гласачи кои се незадоволни од владејачките партии.

ПАСОК беше на власт во Грција повеќе од три децении, но изгуби голем дел од поддршката на граѓаните по 2010 година, кога прифати меѓународен пакет помош во замена за строги мерки за штедење.

Сириза дојде на власт во 2015 година со ветување дека ќе ја прекине политиката на штедење, но подоцна го промени курсот и прифати нов пакет помош. Последниот изборен пораз на Сириза во 2023 година доведе до оставка на лидерот Алексис Ципрас, кој беше заменет од Стефанос Каселакис. Сепак, неговото раководење предизвика незадоволство кај пратениците, што доведе до нивно напуштање и формирање нова група. Каселакис подоцна најави создавање нова политичка партија, со што дополнително ја ослаби Сириза. ссм/

фото: архива

Остани поврзан