• недела, 22 декември 2024

Партија на слободата за Мала Преспа: Пописот не го признаваме и ја повикуваме европската заедница да спороведи суштинска проверка на нелигитимниот попис

Партија на слободата за Мала Преспа: Пописот не го признаваме и ја повикуваме европската заедница да спороведи суштинска проверка на нелигитимниот попис

Дебар, 28 јуни 2024 (МИА) - Во однос на пописните резултати што денеска ги соопопшти албанскиот Институт за статистика, остро реагираше и огранокот на Партијата на слободата за Мала Преспа, чиј претседател е Панди Јани, порачувајќи дека не ги признаваат и ја повикаа „европската заедница да спороведе суштинска проверка на нелигитимниот попис и веднаш да реагира“.

-Пописот не го признаваме, бараме повторување на истиот каде што доминантно е македонското малцинство, со меѓународна строга контрола без никакво надворешно мешање. Бугари во Албанија има, ама само во конзуларните претставништва - пописот нема никаква релевантна основа за состојбата на терен, револтирано изјави Јани.

Додава дека во Република Албанија не живеат никакви Бугари и нагласува дека „единствени Бугари се само назначените функционери во Бугарската амбасада во Тирана, и ова им е јасно на сите, па така и на бугарската држава“.

Посочува дека никогаш порано никој, на сите спроведени пописи во Албанија, не се попишал како Бугарин, но овојпат „околностите под кои се случи пописот дозволија надворешно мешање, агитирање и уцени врз македонското население, се со цел да се попишат како Бугари, а зошто тоа го направија на сите им е јасно“.

-Пред ваквиот чин и слепи и глуви се направија меѓународната заедница и сите државни институции што не е прифатливо во овој 21. век. Ова е вршење на асимилација пред целиот меѓународен фактор. Затоа, јас како претставник на македонската заедница и сите Македонци порачувам дека не го прифаќаме и не го признаваме овој попис и воедно бараме повторување на истиот, посочува тој.

Во исто време, тој додаде дека бараат заштита од меѓународните институции, и нагласи оти смета дека е неприфатливо македонската партија да продолжи со поддршката за актуелната албанска власт.

-Исто така, неприфатливо е македонската партија да продолжи да дава поддршка на оваа власт, од која очигледно Македонците немаат никаков бенефит, туку гледаат само еден статист кој што немо гледа во реализацијата на големите шовинистички планови на реализација во Албанија, а на сметка на македонското малцинство. Ова што се случуваше со пописот сметаме дека е голем срам за раководството на Општина Пустец, нагласува Јани.

Претходно, остро реагираше и македонската партија МАЕИ, која исто така се изјасни дека не ги признава пописните резултати. вт/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан