• понеделник, 23 декември 2024

Парламентарното собрание во Атина на Процесот за соработка во ЈИЕ со учество на делегација од Северна Македонија

Парламентарното собрание во Атина на Процесот за соработка во ЈИЕ со учество на делегација од Северна Македонија
Атина, 2 јуни 2022 (МИА) – Важноста на регионалната соработка и придонесот на Процесот на соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во оваа насока, ја истакнаа претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас и генералниот секретар во Министерството за надворешни работи на Грција Јоанис Смирлис, за време на нивното обраќање на Пленарната сесија на деветтото парламентарно собрание на ПСЈИЕ, јави дописничката на МИА од Атина. Парламентарното собрание се одржува во Атина во рамки на грчкото претседавање со Процесот, а учествува и собраниска делегација од Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Собранието Талат Џафери, во чиј состав се пратениците Мартин Костовски, Павле Трајанов и Артина Ќазими. Во текот на денешниот ден предвидено е Џафери да има обраќање на генералната дебата на пленарната седница на тема: „Целите за одржлив развој за животната средина. Влијанието на кризата врз Југоисточна Европа: безбедност на снабдувањето со енергија и синџирот на земјоделско- прехранбени производи“. Претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас во неговото воведно обраќање потенцираше дека Процесот за соработка во ЈИ Европа е функционален и продуктивен форум за регионална соработка. -Од досегашното усвојување на најголемиот дел од програмата на Процесот за соработка во Југоисточна Европа произлегоа заклучоци и опипливи резултати за иницијативи со конкретни цели. Сепак, нашата амбиција е најсилниот отпечаток на претседателството на Атина да се однесува на зајакнување на заедничката свест дека нашиот регион, овој наш заеднички дом претставува, не само извор на инспирации, туку и поле на реализација за иднина со целосна безбедност и економски просперитет, истакна Тасулас. Генералниот секретар од грчкото МНР Јоанис Смирлис направи ретроспектива на грчкото претседателство, што започна на 1 јули минатата година, претставувајќи ја програмата и досега реализираното и истакна дека претседавањето на Атина 2021-2022 што е трето по ред, главната порака што ја испраќа е зајакнување на соработката. Потенцираше дека приоритетите на претседателството се зајакнување на соработката во безбедносните прашања, промоција на реформи во демократијата, владеење на правото и човековите права во рамките на европската перспектива на регионот, со фокусот ставен на спречување на појави на радикален национализам, ксенофобија и евроскептицизам, но и теми како што е меѓусебната поврзаност, соработка во инвестициите,  животната средина итн. По воведните обраќања, планирана е дискусија на шефовите на делегациите, а на крајот на деветтата Пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ се очекува учесниците да усвојат финална декларација. Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Молдавија, Романија, Северна Македонија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската унија. ср/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан