• понеделник, 23 декември 2024

Панчев: Не сум Бред Пит, ама се снајдов солидно во снимањето

Панчев: Не сум Бред Пит, ама се снајдов солидно во снимањето

Скопје, 22 април 2023 (МИА) - Не сум Бред Пит, ама се снајдов солидно во снимањето, изјави македонската фудбалска легенда Дарко Панчев на денешната прес-конференција за документарниот серијал посветен нему.

- Филмот е производ на нешто што си направил. Без тоа, не може да се направи филм. Во која било дејност вие може да бидете и да имате среќа да направите огромно богатство. Но, ако немате од аспект на тоа што да се покаже во филмот, не може да го направите филмот. Така да, гледајќи од таа гледна точка, секако дека е на некој начин круна на кариерата, одговори Панчев на прашање дали тоа претставува круна на неговата кариера.

Тој откри дека се работи и на автобиографска книга, што треба да излезе за неколку месеци.

- Таа може да биде интересна за некој друг, кој можеби ќе направи игран филм. Нормално, не со мене, туку со прави глумци, додаде Панчев.

Радован Максимовиќ, директор на „Спорт нетворк“ и регионален претставник на „Спорт клуб“, појасни дека планирано е целиот серијал да биде готов до средината на јули и да почне емитувањето од есен.

- Значи, во септември да почне емитувањето, кога сите ќе се вратат од годишни одмори. Ќе се емитува само серијалот, филмот го направивме исклучиво за промоција во Скопје, нагласи Максимовиќ.

Александар Станковиќ од „Спорт нетворк“ кажа дека се снимало на неколку локации во Скопје.

- Почнувајќи од старата населба на Дарко, местото каде што е роден и пораснат, Кисела Вода. Снимавме на националниот стадион „Тоше Проески“, во националниот театар, во центарот на Скопје, на универзитетот... во Белград исто така на повеќе локации, потоа во Загреб, во Сараево, Подгорица, Букурешт, откри Станковиќ.

За продуктот со наслов „Патот на Кобра до ѕвездите“ на прес-конференцијата во Универзитет Скопје, зборуваа и ректорот, професор доктор Аце Миленковски, како и директорот на Спортско радио, Тони Митев.

Филмот ќе се емитува во понеделник во хотелот „Александар Палас“. бд/са/

Фото: МИА

Остани поврзан