• недела, 22 декември 2024

Панел-дискусија: Зборообразувањето е клучен фактор за збогатување на македонскиот јазик

Панел-дискусија: Зборообразувањето е клучен фактор за збогатување на македонскиот јазик

Скопје, 2 април 2024 (МИА) – Во Музејот на македонска борба и самостојност, денеска по иницијатива на двајца Зборци, Игор Антов и Виктор Бучковски, се одржа панел-дискусија „Зборообразување – нови димензии на македонскиот јазик“, на која главен фокус беше зборообразувањето како главен начин за креативно збогатување на македонскиот јазик.

На отворањето на панел-дискусијата, Антов посочи дека процесот на зборообразување е клучен за збогатување на македонскиот јазик и поставувањето на современите темели.

– Се надевам дека денес заедно ќе успееме да ги поставиме современите темели на еден клучен процес за збогатувањето на македонскиот јазик, процесот на зборообразување. Убавината на зборообразувањето се отсликува во самиот збор, составување на два различни зборови се со цел да се добие збор со ново значење. Самата можност за креирање нов збор со ново значење, не само што се повикува на креативниот дел од секој од нас, туку ја рефлектира и нужноста за креирање на се уште несоздадените зборови за модерните феномени, рече Антов.

Нивото на секојдневниот говор, Антов вели е одраз на нивото на развојот на општеството, посочувајќи на агилноста и прецизноста на германскиот јазик како одраз на германскиот систем. 

– Прашањето е што одразува секојдневниот македонски јазик или поидеалистичкото прашање би било што може да одразува — шаренило, длабоко разбирање и поврзаност или нешто трето, вели Антов. 

Според него, оптимизмот е пригушен од сѐ поприсутната апатија во македонското општество, а како што рече, тоа е пречка во развивањето на македонскиот јазик и свест.

– Една од главните идеи на настанот е возобновување на македонскиот оптимизам, може ќе си речете дека сето ова е малку пооптимистичка цел. Оптимизмот кај нас изгледа пригушен од се поприсутната апатија, процес кој истовремено пречи во развивањето на македонскиот јазик, а преку него на македонската свест. Цитатот од великанот Коневски укажува токму од неопходноста од негување на македонскиот јазик и потребата од негово развивање заедно со модерната држава. Јазикот може да биде духовната образувачка сила во нашето општество, но само ако дозволиме, рече Антов.

Говорници на панел-дискусијата беа Славица Велева, професорка по предметот „Зборообразување” на Филолошкиот факултет при УКИМ, авторката Фросина Пармаковска, професорката Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ при УКИМ и научната соработничка Тамара Ќупева од Институтот за македонска литература при УКИМ. ра/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан