• четврток, 19 декември 2024

Панди Јани ги повика граѓаните слободно да го дадат својот глас на локалните избори во Албанија

Панди Јани ги повика граѓаните слободно да го дадат својот глас на локалните избори во Албанија
Дебар, 13 април 2023 (МИА) - Кандидатот за градоначалник на единствената македонска општина во Албанија Пустец, Панди Јани обвини дека актуелната локална власт започнала да врши притисок врз општинската администрација и ги повика граѓаните да не плашат и слободно да го дадат својот глас.
-  Локалните власти исплашени од поразот што им следува на 14 мај, започнаа да вршат притисок врз општинската администрација. Ги повикувам сите вработени во општинската администрација и општински претпријатија да не подлегнуваат на никаков притисок затоа што по 14 мај следуваат промени и целосно ослободување на општината од сите партиски стеги, напиша Јани на Фејсбук.
Тој порача „не подлегнувајте на притисоци затоа што општината е на сите граѓани и не е приватна сопственост на градоначалникот или на кој било друг“.
Општината, посочува, им припаѓа на граѓаните, а граѓаните го избираат градоначалникот за да им служи и да им ги олеснува проблемите, а  „не како во случајот, исплашени од поразот посегнаа да вршат притисок врз вработените во администрацијата“.
- Почитувани мои сограѓани, промени се случија насекаде на Балканот. Во Македонија, Косово, Црна Гора, Бугарија и други држави, па следуваат промени на локално ниво и во Албанија, општина Пустец по 14-ти мај ќе добие нов градоначалник. Ветувам и се обврзувам дека чесно и со љубов ќе ја вршам функцијата, а од Мала Преспа конечно да направиме модерна општина, порача тој.
Панди Јани е кандидат на Партијата на слободата на поранешниот албански претседател Илир Мета, која ја предводи изборната коалиција „Заедно победуваме“.
Тој е противкандидат на актуелниот градоначалник Пали Колефски, кој е кандидат на владејачката Социјалистичка партија поддржан од Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ. вт/мд/
Фото: Фејсбук на Панди Јани 

Остани поврзан