• петок, 22 ноември 2024

Пакистан се подготвува за масовни депортации и покрај меѓународните критики

Пакистан се подготвува за масовни депортации и покрај меѓународните критики

Исламабад, 28 октомври 2023 (МИА) - Пакистанските власти ги интензивираа напорите да ги протераат илегалните имигранти, вклучително и авганистанските бегалци кои избегаа од преземањето на Талибанците и покрај меѓународните критики, јави ДПА.

Добитничката на Нобеловата награда за мир Малала Јусафзаи им се придружи на оние кои побараа од пакистанската влада да ги преиспита плановите за масовна депортација на авганистанските бегалци.

-Авганистанските бегалци, деца, жени, мажи, стари лица, кои бегаат од прогонот на Талибанците заслужуваат поддршка, достоинство и безбедност, а не дополнителни пречки и малтретирање. Го повторувам повикот на експертите на ОН и ја повикувам пакистанската влада да ја преиспита својата избрзана политика на масовна депортација, напиша 26-годишната девојка вчеравечер на платформата „X“.

Група експерти на Обединетите нации, исто така, побараа од Пакистан да го запре планот за масовна депортација на Авганистанците.

-Авганистанците ќе имаат рок до крајот на октомври доброволно да ја напуштат земјата пред да бидат извршени депортации или апсења, соопшти пакистанската Влада.

Владата денеска го повтори своето предупредување.

Според владините бројки, во земјата живеат околу 4,4 милиони авганистански бегалци, од кои 1,7 милиони без валидни документи.

Минатиот месец Пакистан објави план за депортирање на сите нерегистрирани бегалци од 1 ноември.

Пакистан отвори уште три премини со Авганистан во југозападната провинција Балучистан пред крајниот рок, додека центрите за депортација се формираа низ целата земја. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан