• недела, 22 декември 2024

ОЈО Скопје отвори предмет по доставена анонимна кривична пријава против директорот на АНБ

ОЈО Скопје отвори предмет по доставена анонимна кривична пријава против директорот на АНБ

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) – Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет по доставена анонимна кривична пријава, против директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски.

Од Обвинителство, за МИА, потврдуваат дека до нив е пристигната анонимна пријава, која е распоредена кај јавен обвинител и по која се постапува.

Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика бројни реакции во јавноста.

Од СДСМ го повикаа Јавното обвинителство да отвори постапка соодветно на своите надлежности и да се утврди и одговорност за прекршувањето на законот.

-Христовски нема меѓународно признаен сертификат за познавање англиски јазик, туку се користел со фалсификуван документ што претставува прекршување на Законот и кривично дело кое повлекува одговорност. Го повикуваме Јавното обвинителство да отвори постапка соодветно на своите надлежности. Повикуваме на транспарентна исграта која точно и непристрасно ќе утврди  кој го овозможил ова и кој е одговорен за скандалот, се вели во соопштението од СДСМ.

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) минатата недела отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ, откако до Антикорупциска пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој наводно не ги исполнува условите за да биде директор.

Владата на седница на 16 октомври го разреши директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, а на негово место го именува Бојан Христовски. аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан