• недела, 22 декември 2024

Отсуство на учебници и наставен кадар за учење немнозински јазици проблем за немнозински заедници во државата 

Отсуство на учебници и наставен кадар за учење немнозински јазици проблем за немнозински заедници во државата 

Скопје, 5 јуни 2024 (МИА) - Отсуство на дидактички материјал за образование во основно училиште за учење на немнозинските јазици, учебници и недостиг на образовен стручен наставен кадар обучен за таква настава, се дел од проблемите, со кои се соочуваат немнозински заедници во државата. Вака одговори на прашање на МИА, Братислава Танасковиќ, која даде изјава за медиумите, во името на Форумот на немнозински заедници, Коалицијата на граѓански организации на немнозинските заедници во Македонија.

Таа појасни дека форумот што постои една година, формиран со финансиска поддршка на Македонскиот центар за меѓународна соработка  е чадор на дваесетина граѓански организации што ги претставуваат немнозинските заедници. Било констатирано дека делат исти проблеми, на локално или централно ниво. 

- Денешниот настан е со цел да објавиме отпочнување на подготовка на извештај во сенка, во врска со спроведувањето на рамковната конвенција на Советот на Европа, за заштита на националните  малцинства. Со оваа иницијатива, примарно, ја нагласуваме нашата посветеност да обезбедиме остварување заштита и унапредување на правата на малцинствата. Како и развој на демократијата и владеењето на правото во општеството. Форумот на немнозинските заедници констатираше дека поднесувањето на шестиот државен извештај за спроведувањето на рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства, е одложено. Првичниот рок беше први февруари. Неговото отсуство го попречува критичкото оценување на напредокот и почитувањето на правата на малцинствата. Сакаме да го забрзаме и да го поддржиме овој процес и ќе дадеме активен придонес во процесот на известување, изјави Танасковиќ. 

Таа соопшти дека Форумот идентификувал и потреба од дополнување на процесот на преговори со Европската Унија. 

- На владиниот скрининг извештај му недостига сеопфатен акциски план за партиципација и интеграција на немнозинските заедници во евроинтеграциските  процеси и политики, подвлече таа, нагласувајќи дека ги охрабруваат идната влада и другите одговорни политички чинители, да се забрза процесот на подготовка и поднесување на, како што рече, веќе задоцнетиот државен извештај за спроведувањето на рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. 

Сакаме, додаде Танасковиќ,  да повикаме и на итно започнување на инклузивен дијалог со сите граѓански организации од немнозинските заедници, во врска со преговорите за членство во Европската Унија и планот на Унијата за раст на Западен Балкан. бд/ац/

Фото : МИА 

 

Остани поврзан