• петок, 05 декември 2025

Отворен повик за финансирање проекти за воннаставни активности во основните училишта во Центар

Отворен повик за финансирање проекти за воннаставни активности во основните училишта во Центар

Скопје, 16 мај 2025 (МИА) - Општина Центар објави  повик за финансирање проекти за воннаставни активности наменети за ученици, наставници и родители во општинските основни училишта, на тема „Улогата на наставниците и стручните соработници во пренесување на вредностите и моралните норми кај младите“.

Општината појаснува дека проектните активности треба да се реализираат во периодот мај – јуни 2025 година, а избраниот проект ќе добие финансиска поддршка во износ од 250.000 денари, еднократно исплатени од Буџетот на Општината.

Право на учество имаат здруженија на граѓани и други организации од областа на образованието, со седиште на територијата на Општина Центар – Скопје, кои ги исполнуваат утврдените критериуми како: досегашно искуство во реализација на воспитно-образовни проекти, проширување на активностите во сите општински основни училишта, вклучување на обучувачи со високо научно звање (доктори на науки) од релевантни области, родова и старосна рамноправност и детален финансиски план.

Градоначалникот Горан Герасимовски по повод објавениот повик истакнал дека училиштата во Центар „не се само места за настава, туку и средини каде што се градат вредности и се развиваат карактери“.

-Со овој повик вложуваме во образованието како темел на одговорно и морално општество, каде наставниците и стручните кадри имаат клучна улога во воспитувањето на младите, истакнува Герасимовски.

Рокот за поднесување пријави е до 20 мај 2025 година до 15:00 часот. Пријавите треба да се  достават лично во архивата на Општина Центар или по пошта на адреса: ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, 1000 Скопје.

-Целокупната документација треба да содржи: пријава со опис на проектот и план на активности, портфолио на здружението, биографии на обучувачите, ажурирана тековна состојба или решение за регистрација (не постаро од шест месеци). Проектите ќе ги разгледува стручна комисија формирана од Градоначалникот на Општина Центар, а сите пријавени ќе бидат писмено информирани за резултатите, наведува Општина Центар за објавениот повик. хс/бак/

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан