• понеделник, 23 декември 2024

Отворен повик за учество во работилница за применет и партиципативен театар

Отворен повик за учество во работилница за применет и партиципативен театар

Скопје, 7 март 2023 (МИА) - Работилница за применет и партиципативен театар ќе се одржи од петок, 31 март, до недела, 9 април, во рамки на новиот проект „Arts Hub“ на Културно-социјалниот простор Центар - Јадро.

Како што соопштија од Културно-социјалниот простор Центар - Јадро, работилницата има за цел да креира контекст во кој, под водство на фасилитаторите, учесниците ќе ги разменат, прошират и надоградат своите знаења и вештини во областа на театарот и ќе стекнат нови знаења и вештини поврзани со различни алатки на партиципативниот театар и театарот применет во поширок општествен контекст.

Запознавајќи се и со сензорниот театар и амбиенталниот театар, во рамки на работилницата учесниците ќе ги истражуваат можностите кои ги нуди применетиот и партиципативен театар за адресирање на важни и горливи општествени проблеми. Низ процесот тие ќе ги развијат своите идеи и ќе ги обликуваат во социјално ангажирани перформативни уметнички акции кои ќе бидат изведени за публиката на последниот ден од работилницата.

Како што е најавено, работните сесии ќе се одржуваат во просторот на Центар-Јадро, а дел од работните сесии ќе се одржуваат и на различни локации низ градот.

Водачи на работилницата ќе бидат Јелена Вуксановиќ, писателка и сценаристка и театарски едукатор од Белград, Србија, Алесандро Ола, композитор и sound-artist, професор по композиција, електронска музика и звучен пејзаж, изведувачки уметник од Барселона, Шпанија и Демир Мекиќ, социолог, форум-театар џокер и тренер од Белград, Србија.

Пријавувањето за работилницата може да се изврши до 26 март. бт/лв/

фото/ Културно-социјален простор Центар-Јадро

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан