• четврток, 18 јули 2024

Отворен повик за присуство на работилница за креативен документарен филм

Отворен повик за присуство на работилница за креативен документарен филм

Скопје, 20 мај 2024 (МИА) - Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ објави повик за шестата генерација „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години, кои сакаат да бидат дел од едногодишната работилница за креативен документарен филм.

-Бараме млади, храбри и креативни луѓе кои сакаат да се изразат слободно и спремни да се впуштат во незаборавна авантура. Дванаесетмината величествени од сите вас, ќе бидат поделени во групи со по еден ментор, а на крајот секоја група ќе треба да има готов краток креативен документарен филм. (Во овој момент, не бери гајле за опрема.) Имаш уникатна шанса да го научиш занаетот на правење документарци од прва рака наместо од видео-туторијали и да навлезеш во филмскиот свет на еден свој и уникатно интересен начин, велат од „МакеДокс“.

Тие потенцираат дека е потребно заинтересираните да се снимаат со телефон или камера или на кој било друг начин и преку видеото, кое не треба да е подолго од пет минути.

-Сними се себеси, со телефон, камера или на кој било друг начин и преку видеото, кое не треба да е подолго од пет минути, одговори на следниве прашања: Покрај гледањето филмови, кои се твоите останати хобија/пасии? Дали повеќе го следиш твоето срце или твојот разум? По која особина сакаш да те запамтат луѓето? Дали се поистоветуваш со некој филмски лик? Доколку да, кој е тој? Која е причината поради која сакаш да гледаш (документарни) филмови? Кое е твоето првично сеќавање од гледање филм? За каква личност се сметаш себе, а пак како те сметаат другите / твоите пријатели, соопштија од „МакеДокс“.

Како што посочуваат, заинтересираните кандидати треба видеото да го испратат на „dokunikulci@makedox.mk“ преку WeTransfer, или пак да се прикачи на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, со испраќање на линкот и лозинката. Повикот е отворен до 15 јуни, a резултатите ќе бидат објавени до 20 јуни ова година.

-Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии -  јули, пет дена во природа, август, осум дена на филмскиот фестивал „МакеДокс“, пет до седум есенско-зимски сесии по договор во периодот од септември до јануари, снимање и завршување на филмовите до јуни 2025. На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „МакеДокс“, ланските докуникулци и наши пријатели од други земји – докажани докупрофесионалци, посочуваат во соопштение.

Од „МакеДокс“ посочуваат дека учеството е бесплатно, а трошоците за сместување, превоз и храна се покриени.

-Но, имај на ум дека сместувањето – особено за првата сесија во природа не е во хотел со пет ѕведзички, туку може да е кампување во шатори, под отворено небо со милион ѕвезди, заедно со тимот на „МакеДокс“. Доколку имаш некое неодговорено прашање, слободно пиши ни! Те очекуваме, потенцираат од „МакеДокс“.бт/аа/

Фото: „МакеДокс“ 

 

Остани поврзан