• среда, 18 декември 2024

Отворена канцеларијата на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

Отворена канцеларијата на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

Скопје, 17 октомври 2034 (МИА) - Во Министерството за правда денеска беше отворена канцеларијата на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство.
Како што информираше министерот за правда, Игор Филков, на денешната прес-конференција по отворањето на канцеларијата, министерството изминатиот период работело на обезбедување и реализација на повеќе активности со цел завршување на процесот од административно-технички и правен карактер за функционирање на Комисијата како независен субјект со својата работа.

-Иако Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство стапи на сила на 25.11.2022 година, а започна да се применува од 25.05.2023 година, еве, денеска, цели 17 месеци по примената Министерството за правда обезбеди просторни услови за функционирање на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство формирана на 13.02.2024 година, рече министерот.

Претседателката на Комисијата, Цветанка Периќ, изјави дека Комисијата денеска започнува со работа.

- Ние започнуваме да работиме како независен правен субјект, требаше постапка за регистрација, за обезбедување на простории во министерството. Од денеска ќе почнеме со работа, се надевам наредната седница ќе има резултати, рече таа. 

Целта на овој закон е да се обезбеди паричен надоместок на жртвите од кривични дела сторени со насилство како помош од страна на државата, согласно со начелото на општествена солидарност и да се спречи секундарна виктимизација како дополнително страдање што жртвите можат да го претрпат од односот на надлежните органи. ар/ев/

ФОТО: МИА 

Остани поврзан