• четврток, 19 декември 2024

Отворена изложбата на украинската амбасада „XXI век. Европа. Непростливо злосторство“ во Музејот на македонската борба

Отворена изложбата на украинската амбасада „XXI век. Европа. Непростливо злосторство“ во Музејот на македонската борба
Скопје, 8 мај 2022 (МИА) - По повод 8 мај, Денот на сеќавање и помирување денеска во Музејот на македонската борба беше отворена изложба на фотографии насловена „XXI век. Европа. Непростливо злосторство“ во чест на жртвите од Втората светска војна (1939-1945) и Руската војна против Украина од 2022 година. Изложбата, која е реализирана од страна на Украинската амбасада, Украинците и Музејот на македонската борба, тематски е составена од три композиции „Деца на војната“, „Непростливи злосорства на 2022 година“ и „Две војни, исти злосторства“. На свечениот настан за отворање на изложбата, се обрати украинската амбасадорка во земјава Наталија Задорожњук која нагласи дека Украинците се херојски и храбар народ. - Во време на неволја ние сме обединети, ние сме една целина. Ние имаме прекрасна, моќна Армија. Ние сме на наша земја и никому нема да ја дадеме. И заедно, со нашите сојузници, како што беше за време на Втората светска војна, со земјите од антихитлеровата коалиција, а сега со земјите од антипутинската коалицијата, ќе победиме и сега, затоа што вистината и правдата се на наша страна, потенцира Задорожњук. Осми мај, како што истакна таа, во Украина и во светот е ден на сеќавање и помирување, односно спомен за загинатите во Втората светска војна, во која загинаа од 8 до 10 милиони Украинци. - За да ги надомести овие демографски загуби на Украина и беа потребни околу 25 години. Историјата на украинската Втора светска војна е исто така историја на окупација. Ние Украинците се сеќаваме каква страшна трагедија беше за нас Втората светска војна. За разлика од Русите, за нас 8-9 мај не е триумф, не е празник, туку спомен, оддавање почит на жртвите од војната, потсетување на страшните злосторства. За нас ова не е култ на победата, туку ценење на мирот и животот, рече амбасадорката Задорожњук. Војната на Русија против Украина, додаде таа, е страшна војна, без почитување на законите за војна од страна на руските окупатори. - Тие војуваат не толку против војниците колку против цивилното население, вршат воени злосторства, насилни убиства на цивили, силување на жени и деца. Ова се се одвива во Европа во 21 век, посочи Задорожњук. На настанот се обрати и директорката на Музејот Даниела Николова, која појасни дека изложбата е претставена на 22 паноа и оти преку фотографии е прикажан процесот на зачувување на сеќавањето и помнење на настаните кои оставаат лузна и на идните генерации. Претседателот на Здружението на Украинците „Лесја Украинка“ Олександр Урбанович кој се обрати пред присутните, истакна дека војната во Украина е војна за уништување на украинската нација. - Се трудиме да допреме до светската заедница за повеќето луѓе конечно да разберат дека оваа војна не е војна само за територија, туку за уништување на украинската нација, рече Урбанович. На отворањето на изложбата, меѓу присутните беа и министерката за одбрана Славјанка Петровска, американската, британската, германската и шведската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз, Рејчел Галовеј, Анке Холштајн и Кристин Форшгрен Бенгтсон, како и евроамбасадорот Дејвид Гир. мс/вј/  

Остани поврзан