• понеделник, 23 декември 2024

Основен суд Кавадарци: Одбиени предлози за укинување одлуки за продажба на имот на поранешно „Фени”

Основен суд Кавадарци: Одбиени предлози за укинување одлуки за продажба на имот на поранешно „Фени”

Кавадарци, 5 ноември 2024 (МИА) – Одбиени се предлозите за укинување на одлуки за продажба на подвижен имот на поранешно „Фени”, потврдија денеска за МИА од Основен суд Кавадарци.

Предлозите ги поднесоа незадоволни доверители во рамките на стечајна постапка, меѓу кои и транспортери на руда, незадоволни од висината на продажба на имотот, од која чекаат наплатување на своите побарувања.

- Поднесени беа предлози до стечајниот судија да ги укине ваквите одлуки поради ниската понудена цена, имајќи ја предвид проценетата вредност на имотот предмет на продажба . Ваквите предлози од страна на стечајниот судија се одбиени. Против решението, право на жалба имаат подносителите на предлог, во рок од осум дена од приемот на документот и од неговото објавување на огласната табла на судот, одговорија од Основниот суд во Кавадарци. .

Оттаму појаснија дека се работи за донесени одлуки на Собранието на доверители одржано на ден 21 октомври, во отворената стечајна постапка над должникот Трговско друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги Еуроникел индустри ДОО село Возарци, поранешниот комбинат за фероникел, „Фени”. Со одлуките, беа усвоени понуди на понудувач, за продажба на имот на стечајниот должник влезен во стечајна маса.

Предлози за укинување на одлуките доставија доверители кои имаат утврдени побарувања по однос на обврски за извршен превоз, транспортерите и уште еден доверител кој има признато побарување, а кои не ги гласале одлуките на Собранието. 

Претходно, МИА информираше дека на седницата одржана во рамки на отворената стечајна постапка над должникот во стечај, присуствуваа доверители со утврдени и признати побарувања во износ од 58.414 проценти.

На дневен ред беа неколку точки, за продажба на имот од стечајната маса, меѓу кои и резервни делови, разна руда од Брег на Слонова коска, Албанија, Гватемала, цврсти горива како лигнит од Индонезија, Колубара, камен јаглен од Русија. За некои од пакетите за продажба, немаше заинтересирани за понудите. Била спроведена електронска аукција. Беше прифатена понуда за купување на инвентар и лабораторија со проценета вредност од 14.143.567,00 денари, а со понуда во износ од 8.305.200,00 денари или 58,72 отсто од проценетата вредност. Се прифати и таа понуда за продажба на магацински простор со проценета вредност од 43.492.742,00 денари а со понуда во износ од 13.534.400,00 денари или 31,11 отсто од проценетата вредност.

На седницата беа прифатени и понудите за продажба на магацински простор со резервни делови,со проценета вредност од 371.852.869,00 денари а со понуда во износ од 75.669.600,00 денари или 20,34 проценти од проценетата вредност, како и таа за разна руда со проценета вредност од 16.513.455,00 денари а со понуда во износ од 11.300.000,00 денари или 68,42 проценти од проценетата вредност и таа за цврсти горива со проценета вредност од 11.484.450,00 денари, а со понуда во износ од 7.900.000,00 денари или 68,78 отсто од проценетата вредност. 
 
Седницата ја следеа и доверители што имаат свои утврдени побарувања, меѓу кои и транспортерите на руда.

На два пати досега, транспортери кои своевремено возеа руда за комбинатот, протестираа барајќи над два милиона евра за транспортот и изразувајќи незадоволство што, како што рекоа, имот проценет за над десет милиони евра, се огласил за продажба за околу 2.3 милиона евра. свд/цр

Фото : МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан