Осма Демирхисарска летна школа во Слепче
- Во организација на манастирот „Св. Јован Претеча“, Слепче, Општина Демир Хисар и Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ, денеска почна традиционалната Демирхисарска летна школа, годинава посветена на големите црковни јубилеи и годишнини на Охридската архиепископија и на Слепченскиот манастир – 500 години архиепископ Прохор и Слепченски книжевен центар.
Демир Хисар, 7 јули 2025 (МИА) - Во организација на манастирот „Св. Јован Претеча“, Слепче, Општина Демир Хисар и Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ, денеска почна традиционалната Демирхисарска летна школа, годинава посветена на големите црковни јубилеи и годишнини на Охридската архиепископија и на Слепченскиот манастир – 500 години архиепископ Прохор и Слепченски книжевен центар.
На првиот ден од Школата проф. д-р Лилјана Макаријовска ја промовираше монографијата Црковното книжевно наследство на Слепченскиот манастир „Св. Јован Претеча“ од академик Ѓорги Поп-Атанасов, која според Макаријовска претставува ризница на книжевното културно наследство.
-Делата на Поп-Атанасов претставуваат огромен влог не само за македонската туку и пошироко за славистичката наука, а секако посебен влог има и за афирмацијата на дејноста на Слепченскиот манастир на кој му е посветено изданието што го промовираме денес. Преку црковната книжнина на Слепченскиот книжевен центар се ширела духовната просвета, се одвивала жива препишувачка и преведувачка дејност и тој се претвора во културна ризница со богат фонд од словенски пергаментни ракописи. Исто така, рече промоторката Макаријовска, трудот на академик Ѓорги Поп-Атанасов претставува значаен придонес кон проучувањето на Слепченскиот манастир како духовен , уметнички и книжевен центар на Охридската архиепископија.
Учесниците на Демирхисарската школа ги поздравија Сашо Цветковски, научен раководител на Школата, градоначалникот на Демир Хисар Никола Најдоски и митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар кој зборуваше за јубилејот 500 години архиепископ Прохор.
Демирхисарската летна школа продолжува утре со работа во сесии, а главен фокус ќе биде портретот на архиепископот Прохор. мт/дма/
Фото: МИА