• недела, 22 декември 2024

Османи: Србија се вмеша во референдумот на северот, Косово ги исполни обврските кон ЕУ

Османи: Србија се вмеша во референдумот на северот, Косово ги исполни обврските кон ЕУ

Приштина, 22 април 2024 (МИА) – Претседателката на Косово, Вјоса Османи изјави дека Косово им дало можност на граѓаните од општините во северно Косово, населени со мнозинско српско население, да ги сменат актуелните градоначалници и да изберат нови општински челници, меѓутоа властите во Белград ги спречиле во тоа, јави дописникот на МИА од Приштина.

По вчерашниот неуспех, поради ниска излезност, на референдумот за смена на градоначалниците во општините Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица, Османи на нејзината страница на Фејсбук напиша дека граѓаните во голема мера не ја искористиле оваа можност поради притисокот од Србија, „егзекутиран од (партијата на косовските Срби) Српска листа и нелегалните криминални структури“ на северот на Косово.

Според неа, Србија извршила незаконско мешање во изборниот процес на друга земја, српскиот претседател, Александар Вучиќ го прекршил ветувањето што им го дал на меѓународните партнери, додека Косово ги исполнило обврските преземени пред Европската унија.

„Косово уште еднаш покажа умереност, организираност и целосно почитување на законите и уставот, нудејќи им на сите заедници, без разлика, можност сами да изберат кој сакаат да ги претставува. Им благодарам на Централната изборна комисија, на нашите безбедносни институции, како и на нашите партнери за нивната работа, посветеност и соработка. Со организацијата на денешниот процес Косово ги исполни сите услови што ги бара ЕУ. Неправедните мерки кон Косово мора веднаш да се отстранат“, напиша таа.

На вчерашното гласање во четирите општини во северно Косово гласаа само 203 од над 46 илјади регистрирани гласачи, по што референдумот се прогласи за неуспешен.

За да биде успешно гласањето, требаше да гласаат најмалку 50 отсто плус еден граѓанин. Доколку се исполнеше овој услов, тогаш ќе се организираа вонредни локални избори во споменатите општини. Со оглед дека учествуваа помалку од 50 отсто, гласањето се смета за неуспешно и не може да се преземе друга иницијатива пред да поминат 12 месеци.

Остани поврзан