Османи од Минхен: Поддршката од САД и ЕУ е клучна за надминување на предизвиците со кои се соочуваме
- Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамките на Минхенската безбедносна конференција, на панелот „Иднината на Западен Балкан – предизвици и можности за ЕУ и Трансатлантската алијанса“, говореше за важноста од евроинтеграција на регионот, информираат од МНР.
Скопје, 17 февруари 2024 (МИА) – Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамките на Минхенската безбедносна конференција, на панелот „Иднината на Западен Балкан – предизвици и можности за ЕУ и Трансатлантската алијанса“, говореше за важноста од евроинтеграција на регионот, информираат од МНР.
- Земјите од Западен Балкан се подложни на хибридни влијанија од трети земји со кои се поткопува стабилноста на регионот, како и напорите за градење јасен пат кон европските и евроатлантски интеграции. Притоа, поддршката од САД и ЕУ е од клучно значење за надминување на предизвиците со кои се соочуваме, рече Османи, истакнувајќи дека идното проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е од значаен економски и безбедносен интерес и за регионот и за Унијата.
Во обраќањето, Османи ја реафирмираше заложбата за продолжување на реформските процеси, но и примена на принципот за градуален пристап кој треба да биде базиран на заслуги.
- Идното проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е од значаен економски и безбедносен интерес и за регионот и за Унијата. Концептот „Повеќе интеграција пред полноправно членство“, е комплементарен со Планот за раст за Западен Балкан при што, покрај подобрувањето на демократските процеси, економската и безбедносна состојба на земјите од регионот, би придонел и за значително унапредување на отпорноста и зајакнување на заедничкиот одговор кон споделените предизвици, истакна Османи.
На маргини на Минхенската безбедносна конференција, Османи оствари и билатерални средби со министри за надворешни работи на повеќе земји. ир/лв/
Фото: МНР