• понеделник, 23 декември 2024

Осветен параклисот „Св.Петар и Павле“ во делчевското село Стамер

Осветен параклисот „Св.Петар и Павле“ во делчевското село Стамер
Делчево, 7 јули 2022 (МИА) - Во делчевското село Стамер осветен новоизградениот параклис „Св.Петар и Павле“. На чинот на осветување присуствуваше Митрополитот Брегалнички г-н Иларион, кој рече дека селото Стамер долго време немаше сопствена црква, посочувајки дека за кратко време најпрвин е изградена црквата Св.Еремија, а потоа подигнат и параклис посветен на светите врховни апостоли „Св.Петар и Павле“.
-Параклисот се наоѓа на самиот влез на селото и на самиот пат кон Пехчево, во Пијанец, параклис кој ќе сведочи дека овде живее побожно и православно население. На сите градители, на сите што помогнаа да се изгради ова, им благодарам, посакувајки им многу здравје и закрила и заштита од самите апостоли, рече владиката Иларион.
Од иницијативниот одбор на чело со ктиторот Зоран Димитровски, упатија благодарност до сите кои донираа да се изгради параклисот кој е еден од ретките вакви црковни објекти во Источна Македонија и пошироко.
-Благословени сме од Владиката, на 12 јули ќе организираме заеднички црковно-народен собир по повод празникот посветен на „Св.Петар“. Ја користиме приликата да ги поканиме верниците да го посетат местото и да присуствуваат на заедничкиот свечен ручек, рече Димитровски.
Претходно Владиката Иларион во соборниот храм „Св.Кирил и Методиј“ во Делчево одржа литургија по повод празникот „Раѓање на Св.Јован Крстител“. вс/сст/

Остани поврзан