• четврток, 21 ноември 2024

Орпо: Финска можеби ќе треба да преземе дополнителни активности на границата со Русија

Орпо: Финска можеби ќе треба да преземе дополнителни активности на границата со Русија

Хелсинки, 20 ноември 2023 (МИА) – Премиерот на Финска, Петери Орпо денеска изјави дека Хелсинки можеби ќе треба да преземе дополнителни активности на границата со Русија, по затворањето на четири гранични премини во обид да го запре неодамнешниот бран баратели на азил.

- Ситуацијата напредува во лоша насока. Доколку нема промени, ќе преземеме повеќе мерки, и брзо ако треба. Нашата порака е јасна: не прифаќаме вакво однесување, изјави Орпо за време на посетата на граничниот премин Вартиус во источно-централна Финска.

Тој не ја исклучи можноста за затворање на повеќе гранични премини долж финско-руската граница долга 1.340 километри.

Финска годинава се зачлени во НАТО, по руската инвазија врз Украина, и ја обвини Москва дека пушта мигранти од Блискиот Исток и Африка без валидни патни документи на финската граница.

Владата во Хелсинки минатата недела ги затвори четирите гранични премини со Русија во југоисточниот дел на земјата, но нови пристигнувања на мигранти се пријавени на северните гранични премини.

Финската јавна телевизија (ИЛЕ) објави дека во ноември се регистрирани 500 баратели на азил во Финска, што е значително повеќе од вообичаено.

Во меѓувреме, руското Министерство за надворешни работи објави дека одлуката за затворање на граничните премини ќе ги „влоши“ руско-финските односи и го окарактеризира како „изговор“ тврдењето на Финска дека Русија им помага на мигрантите да ја преминат границата без документи. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан