Општински пул
- Општински пул
27 октомври 2025
Штип – Родителот кој на фудбалскиот натпревар меѓу младинските екипи Брегалница и Шкупи нападна двајца 15 годишни домашни фудбалери доби 11 месеци казна затвор. Портпаролот на Основниот суд –Штип и воедно судија кривичар, Сашко Георгиев денеска информираше дека кривичниот судски совет, чиј претседател е судијата Невена Перица ја има донесено пресудата за обвинетиот Авни Абгулиј од Скопје за сторено кривично дело насилство од член 386 став 4 од Кривичниот законик. Тој е осуден на казна затвор од 11 месеци, а пресудата не е правосилна, следи периодот на жалби до Апелациониот суд во Штип.
Инцидентот се случи на игралиштето „Бело брдо“ во Штип на 24 август годинава. Основното јавно обвинителство во Штип веднаш по настанот поведе и итна постапка против 43 годишниот родител за кривично дело – Насилство од член 386 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик, кој извршил грубо насилство на 24 август на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови „Брегалница“ и „Шкупи“.
-Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на „Брегалница“, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв, информираше Обвинителство на 25 август.
Инцидентот се случи во 89-тата минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за „Шкупи“.
-Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на „Брегалница“. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот, се вели соопштението од Обвинителство, објавено на 25 август.
Струга - Стружанец ноќеска нападнал полициски службеници, откако бил затекнат со уште неколку лица во незаконски риболов на реката Црн Дрим, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, 10 минути по полноќ, полициски службеници од ОВР Струга го лишиле од слобода Б.Б.(44) од Струга.
- Лицето е затекнато со уште неколку лица при незаконит риболов во реката Црн Дрим и бил фатен при обид да избега. Притоа, тој физички нападнал полициски службеници кои преземале службени дејствија, но бил совладан и приведен во полициска станица, стои во соопштението на СВР Охрид.
За настанот бил запознаен јавен обвинител од ОЈО Струга, а по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Гевгелија - Во Народниот театар во Гевгелија вечер ќе се одржи мултимедијалниот перформанс „Тунел на традицијата“, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“ и Ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија во рамки на програмата на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, информираа од Општината.
Како што се наведува во информацијата, перформансот претставува уникатно уметничко доживување во кое преку живи модели облечени во традиционални носии од различни етнички предели ќе бидат претставени предмети од покуќнината од минатото и нивната некогашна секојдневна функција, а публиката ќе има можност да слушне мелодии изведени од традиционални инструменти, како и вокални изведби на доајени на народната музика.
-Како дел од програмата, посетителите ќе уживаат и во изведби на ора од уметниците на Ансамбл „Бојмија“, а низ „тунелот на традицијата“ ќе бидат прикажани и стари видео снимки од браќата Манаки, пионери на македонската кинематографија, се наведува во информацијата.
Настанот е замислен како патување низ времето, кое ја слави македонската културна и етнолошка оставнина, потсетувајќи на нејзината непроценлива вредност и влијание врз современиот културен идентитет.
Скопје - Општина Центар информира дека во моментов екипите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и ЈП „Паркови и зеленило“ работат на отстранување на двете паднати дрвја во близина на ООУ „Киро Глигоров“.
Улицата е непроодна за возила додека не завршат активностите, а се очекува дрвјата да бидат целосно отстранети во рок од еден час.