• понеделник, 23 декември 2024

Општина Центар и Нула Отпад во еко акција за правилно селектирање на е-отпадот и заштита на животната средина

Општина Центар и Нула Отпад во еко акција за правилно селектирање на е-отпадот и заштита на животната средина

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Општина Центар и „Нула Отпад” со низа активности под мотото „Пренеси ја пораката, одиме во лов на електронски отпад“ ќе ја подига свеста кај најмладите за правилно селектирање на е-отпадот и заштита на животната средина.

Како што информираат од Општина Центар, во рамките на овој заеднички проект, во сите основни училишта во општината е поставена за инфраструктура од контејнери ситен електронски отпад и отпадни батерии, а од 1-ви до 14 октомври се предвидени работилници наменети за едукација на децата за собирање и селектирање на овој вид отпад. 

На работилниците во ООУ „Киро Глигоров“ наменети за второоделенците денеска се приклучил и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

-Децата од мали нозе стекнуваат навики за правилно постапување со електронскиот и други видови отпад. Тие брзо учат како да собираат и селектираат и во тој поглед се посовесни и поодговорни од возрасните. Јас, како градоначалник, давам целосна поддршка на вакви акции што придонесуваат кон заштита на нашето здравје и околината, рекол Герасимовски. 

Паралелено со едукацијата на децата како еко амбасадори кои пораката ќе ја пренесат дома, достапна услуга за селекција и рециклирање на овој вид на отпад за граѓаните е Еко Линијата 070 236 000, каде граѓаните секој ден можат да пријават и погабаритен стар електричен или електронски отпад од своите домови и компании, и истиот да биде бесплатно преземен и правилно третиран без да биде закана по здравјето на луѓето и квалитетот на животната средина воопшто.

Здружената акција на Општина Центар и Друштвото за управување со отпад “Нула Отпад”  се спроведува во пресрет на 14 Октомври, Меѓународниот ден на електронскиот отпад. сст/дма/

фото Општина Центар 

Остани поврзан