• недела, 22 декември 2024

Општина Тетово презентираше нов изглед на Градскиот стадион, градоначалникот рушеше дел од трибините

Општина Тетово презентираше нов изглед на Градскиот стадион, градоначалникот рушеше дел од трибините

Тетово, 12 април 2024 (МИА) - Општина Тетово попладнево на Градскиот стадион организираше активност со цел да го презентира новиот изглед на овој објект откако претходно беше распишан тендер за избор на фирма која ќе направи целосна реконструкција или изградба на нов објект. Покрај видео презентацијата на новиот изглед на стадионот имаше ревијален фудбалски натпревар и настап на музичари. Градоначалникот самиот изврши симболично рушење на дел од трибините, иако таму имаше публика. 

-До денес многу политичари и партии ветија дека ќе го изградат овој стадион, но ова ветување никогаш не се исполни. Доказ за тоа е моменталната состојба на овој стадион, кој е со уништен терен, застарени простори, без соблекувални, без услови за вежбање, без соодветни трибини за своите навивачи, но тетовци и Шкендија никогаш не се откажаа. Дојде денот да започнеме со изградба на спортска арена во Тетово со сите европски услови и стандарди, истакна градоначалникот Биљал Касами.

Во ноември 2023 Општина Тетово преку јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ го распиша тендерот, по што договорот со фирмата се направи во март 2024 година. Предмет на договорот за јавна набавка е со проценета вредност од околу 600 милиони денари или околу 10 милиони евра. ас/ев/ 

ФОТО: Општина Тетово 

Остани поврзан