Општина Куманово со повик до граѓаните за учество во расправа за планот за квалитет на амбиенталниот воздух
- Кумановци можат да поднесат предлози до општината, за мерки и активности за намалување на аерозагадувањето, повикаа денеска надлежните од локалната самоуправа. Јавна расправа за ажурирање на постоечкиот план за подобрување на квалитет на воздух, со дополнителни предлог мерки за справување со загадувањето ќе се одржи во понеделник во „Комитет“ со почеток во 12 часот.
Куманово, 25 април 2025 (МИА) - Кумановци можат да поднесат предлози до општината, за мерки и активности за намалување на аерозагадувањето, повикаа денеска надлежните од локалната самоуправа. Јавна расправа за ажурирање на постоечкиот план за подобрување на квалитет на воздух, со дополнителни предлог мерки за справување со загадувањето ќе се одржи во понеделник во „Комитет“ со почеток во 12 часот.
-Ги поканувам заинтересираните граѓани, граѓанскио рганизации, невладини здруженија и сите засегнати да присуствуваатна презентацијата и со свои предлози да придонесат во спарувањето со аерозагадувањето. Очекуваме добри предлози кои ќе бидат вметнати во постоечкиот план за што имаме право согласно закон да го ажурираме и да го адаптираме на потребите на кумановци, изјави координатор на проектот за општина Куманово, Александра Георгиевска Протиќ.

Во рамки на проектот „Справување со загадување на воздухот“, кој е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од кралство Шведска и кофинансиран од Општина Куманово, во тек е ажурирање на постоечкиот план за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух на Општина Куманово (2022-2026), кој е усвоен и одобрен од Министерството за заштита на животна средина и просторно планирање и Совет на Општина Куманово. Целта е граѓаните да дадат соодветни предлози, со цел да делуваме што поефикасно во справување со загадување на воздухот.
Кумановци во текот на зимските месеци постојано се жалат на аерозагадување, болницата се полни со пациенти кои бараат помош за здравствени тегоби предизвикани од аерозагадувањето. Општина Куманово преку краткорочни и долгорочни мерки се обидува да го намали аерозагадувањето, како што се пошумување, гасификација, аеросолизацијата. Резултатите од мониторингот извршен преку проект покажаа дека согорувањето на биомаса има најголемо учество во аерозагадувањето, во помала мера сообраќајот, следуваа, согорување на оган на отворено и отпад, согорување на мазут и нафта, со најмал процент е минерална прашина и секундарните аеросоли. ам/дма/
Фото: МИА архива