Општина Илинден доби донација од ТАВ Македонија во рамки на акцијата „Подај рака – хумана Општина Илинден“
- Општина Илинден денеска прими значајна хуманитарна донација од општествено одговорната компанија ТАВ Македонија, во рамки на подготовките за традиционалната велигденска акција „Подај рака – хумана Општина Илинден“.
Скопје, 8 април 2026 (МИА) - Општина Илинден денеска прими значајна хуманитарна донација од општествено одговорната компанија ТАВ Македонија, во рамки на подготовките за традиционалната велигденска акција „Подај рака – хумана Општина Илинден“.
-Донацијата, која содржи прехранбени и хигиенски пакети наменети за социјално ранливите категории граѓани, му беше врачена на градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски од генералниот директор на компанијата ТАВ Македонија, Неџат Курт. На средбата беше истакнато значењето на партнерството меѓу локалната самоуправа и општествено одговорните компании, особено во пресрет на големиот христијански празник Велигден, велат од општина Илинден.
Градоначалникот Георгиевски упатил искрена благодарност за континуираната поддршка од ТАВ Македонија, нагласувајќи дека ваквите донации се од клучно значење за успешна реализација на хуманитарната акција.
-Овие донации имаат суштинско значење за нашите напори да обезбедиме достоинствено одбележување на големиот христијански празник Велигден за сите семејства во општина Илинден, истакна градоначалникот Георгиевски.
Генералниот директор на ТАВ Македонија потенцирал дека компанијата останува посветена на поддршка на заедницата, со цел празничните денови да бидат исполнети со повеќе грижа, солидарност и човечност.
Општина Илинден, како што најавуваат оттамум, и во наредниот период ќе продолжи со спроведување на активности насочени кон унапредување на социјалната заштита и поттикнување на хуманоста, со цел создавање поинклузивна и солидарна заедница за сите граѓани. сст/вг/
Фото МИА архива