• вторник, 02 јули 2024

Општина Зрновци ја прошири програмата за уредување на градежното земјиште со парцела за дом за стари лица

Општина Зрновци ја прошири програмата за уредување на градежното земјиште со парцела за дом за стари лица

Кочани, 10 август 2023 (МИА) - Општина Зрновци ја прошири годишната програма за уредување на градежното земјиште, со што покрај веќе постојните дваесетина, ќе овозможи продажба на уште две парцели за изградба на објекти за индивидуално и колективно домување.

Согласност за проширувањето даде Советот на Општината на 28. седница, при што беше нагласено дека се работи за парцели со поголема површина, односно едната од над 2.200 квадратни метри со намена за изградба на дом за стари лица, а другата со нешто повеќе од илјада квадратни метри за индивидуално домување.

Во образложението за неопходноста од проширување на годишната програма градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев нагласи дека се работи за наменско искористување на земјиштето и создавање услови што ќе влијаат на економскиот развој на локалната заердница.

-Во годишната програма се предвидени градежните парцели за коишто се направи парцелација во Дар Сокак и Средорек, во зоната за мало стопанство. Програмата треба да се дополни за да може Општината да врши продажба на истите. Целата постапка што се водеше за парцелација на градежните парцели е при крај и ќе се направи јавна објава за нивна продажба, а подготвени се и овие две парцели, така што останува само некоја формалност за да можеме да постапуваме по тоа, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Општина Зрновци.

Советот на Општината без дискусии и забелешки, даде едногласна поддршка на предлогот за проширување на годишната програма за уредување на градежното земјиште.

Со постапката за парцелација беше опфатена вкупна површина од 22,26 хектари, во атарот на Мородвис планирани се пет парцели за малостопански објекти и десетина за индивидуално домување, а во месноста Маренски Дол во Зрновци уште десетина парцели за изградба на куќи. та/мч/

фото: Општина Зрновци

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан