• вторник, 05 ноември 2024

Општина Зрновци годинава реализира проекти со четири пати поголема вредност од сопствениот буџет

Општина Зрновци годинава реализира проекти со четири пати поголема вредност од сопствениот буџет
Кочани, 12 ноември 2022 (МИА) – Општина Зрновци тековната година ќе ја заврши со реализирани проекти чија вкупна вредност е над 30 милиони денари, што е за четири пати повеќе од нејзиниот основен буџет. Најголем дел од проектите се однесуваат на инфраструктурни и комунални инвестиции, како и за поддршка на социјалната заштита и младинските активности, за што средствата се обезбедени од општински извори. - Со оглед што годишниот буџет на нашата општина изнесува само седум милиони денари и е еден од најмалите во државата, горди сме што во една од најтешките години проследена со енергетска и економска криза, како и со постковид состојба, ги реализираме сите зацртани проекти. Во сообраќајната инфраструктура, како и за изградба на потпорни ѕидови и санација на мостови инвестиравме 6,5 милиони денари, а за проекти, изградба и тековно одржување во водоснабдувањето вложени се близу 5,7 милиони денари, За реконструкција и адаптација на објекти и простории за културни и други потреби потрошени се над 2,5 милиони денари, а инвестиравме и во спортот, заштитата на животната средина и во социјалната поддршка, при што обезбедивме субвенции за учениците и студентите и еднократна парична помош за секое новороденче, истакна градоначалникот Борчо Коцев, во отчетот за едногодишното работење, а во рамки на одбележувањето на Денот на општина Зрновци. Како поддршка и унапредување на условите за земјоделското производство обезбедени се 9,5 милиони денари за изградба и санација на помошни канали на Морошка и Виничка вада, со три каскади на реката Зрновка. - Реализацијата на сите овие активности е резултат на рационалните и реално планирани буџетски трошоци и инвестиции, за што голема поддршка и конструктивност добиваме од Советот на општината, од Локалниот економски совет, како и од Локалниот совет на млади, нагласи Коцев. Во обраќањето пред граѓаните, градоначалникот на Зрновци истакна дека општинската администрација го комплетирала техничкиот проект за изградба на нов мултинаменски спортски комплекс со парковско уредување, во вредност од 6,5 милиони денари, чија реализација се очекува на почетокот на идната година. та/мд/

Остани поврзан