Општина Дебар финализира и продолжува со реализација на проекти од интерес на граѓаните
- Општина Дебар финализира, но и продолжува со реализација на проекти во интерес на граѓаните, посебно од инфраструктурата, а кои влијаат и врз заштитата на животната средина.
Дебар, 4 декември 2024 (МИА) - Општина Дебар финализира, но и продолжува со реализација на проекти во интерес на граѓаните, посебно од инфраструктурата, а кои влијаат и врз заштитата на животната средина.
-Го финализиравме проектот за целосна реконструкција на главната улица во дебарската населба Ново Коњаре, со што видно се подобри патната инфраструктра во ова населба. Населбата првпат доби атмосферска канализација, извршена беше реконструкција на фекалната канализација, а се разбира доби и асфалт. Техничката документација за проектот беше изготвена со финансиски средства од буџетот на општината, додека тој се реализира со средства добиени од Бирото за регионален развој со кофинансирање на општината, а вкупната инвестиција изнесува 8,4 милиони денари, рече за МИА градоначалникот Хекуран Дука.
Оваа населба е изградена во седумдесеттите години од минатиот век и живеат неколку илјади граѓани, главно поранешни жители на селото Коњаре, по што го добила името.
- Покрај другото, вчера продолживме со реализација од уште еден значаен проект, а тоа е изградба на фекална канализација во населба Тилбе, во должина од 355 метри, што е капитална инвестиција вредна над четири милиони денари. Средствата ги добивме од Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно објавениот конкурс за распределување на средства, финансирање и реализирање на програмски проекти и други активности од областа на животната средина за 2023 година, објаснува Дука.
Според него, непостоењето на фекална канализациска мрежа негативно влијание врз животната средина, директно влијае врз територијата на населбата која претставува урбана населба на град Дебар, со околу три илјади жители, но и од економски аспект, затоа што локалитетот не е привлечен за инвестирање.
Општина Дебар во ноември годинава доби од владата 600 илјади евра за подобрување на водоснабдувањето, средства кои ќе бидат потрошени во втората фаза од активностите започнати пред две години.
- За втората фаза, која има поголема финансиска цена, беше изработен проект со кој ќе се реши проблемот со хлорирање на водата со софистициран уред кој ќе го замени постоечкиот, како и поставување на повеќе од 3000 дигитални водомери, современ електронски систем со централна контрола. Со тоа ќе се стави крај на паушалното плаќање на сметки за потрошена вода, како една од главните причини кои ја фаворизираа злоупотребата на водата, рече Дука.
Од проектот „100 милиони евра за општините“ општина Дебар доби поддршка од 700 илјади евра за реализација на проекти од инфраструктурата, со кои се планира целосна реконструкција на три локални улици во градот, една од нив со кофинансирање и изградба на водовод во најголемото село во нашата општина, селото Могорче.
Тој посочи дека продолжуваат, без застој, со сигурни чекори во напорите за поддршка на други проекти и нивна реализација до остварување на целите за подобар и побезбеден Дебар. вт/мд/
Фото: МИА