Општина Битола ќе надомести дел од трошоците на граѓаните што ќе набават инвертер клима уред
- Општина Битола објави јавен повик за аплицирање и користење на можноста граѓаните кои ќе набават инвертер клима уред да користат локална субвенција, односно надомест на дел од трошоците за набавка на клима уред.
Битола, 23 април 2025 (МИА) - Општина Битола објави јавен повик за аплицирање и користење на можноста граѓаните кои ќе набават инвертер клима уред да користат локална субвенција, односно надомест на дел од трошоците за набавка на клима уред.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола посочуваат дека повикот е со цел да ги стимулира граѓаните за користење на обновливи извори на енергија за затоплување на домаќинствата, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, ќе им обезбеди поврат на дел од потрошените финансиски средства за инвертер клима уреди набавени во периодот од денот на објавувањето на јавниот повик.
Средствата што ќе ги надоместува Oпштина Битола се во вредност од 50 отсто од вкупната цена на чинење на уредот, но не повеќе од 25.000,00 денари, а услов за учество на јавниот повик е барателот и членовите на неговото потесно семејство со иста адреса на живеење по лична карта да немаат искористено субвенција за набавка на инвертер клима уреди од претходни јавни повици спроведени од Општина Битола во последните 5 години.
Право на учество на овој Јавен повик имаат сите заинтересирани физички лица - жители на Општина Битола кои имаат набавено инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата од 23 до 29 април оваа година, а електронското аплицирање ќе почне на 30 април.
Бројот на добитници е ограничен до висина на определениот износ од Програмата за животна средина на Општина Битола за 2025 година од три милиони денари, нагласија од тамошната локална самоуправа. мт/мд/
Фото: МИА