• вторник, 22 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Триесетдневен притвор за директорот на Геријатрија и неговиот соучесник

Триесетдневен притвор за директорот на Геријатрија и неговиот соучесник

Скопје, 9 април 2025 (МИА) - Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им определи триесетдневен притвор на две лица осомничени за примање поткуп за болничко згрижување на лице.

-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор против две лица осомничени за Примање поткуп од чл. 375 ст.5 в.в. со ст.2 од КЗ, а поврзани со Специјалната болница за геријатрија во Скопје, го прифати предлогот на ОЈО ГОКК и на осомничените М.А. и Б.А. им определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т.1, 2 и 3 односно Опасност од бегство, Влијание врз сведоци и Основано сомнение дека може да го повторат делото, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

Против овие решенија, како што велат од Судот,  странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

Како што соопшти претходно ОЈО ГОКК, првоосомничениот, како службено лице – директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, преку второосомничениот, негов човек од доверба, побара награда од 100 илјади за згрижување на лице во болницата. На 8 април годинава, второосомничениот е фатен како во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра.

МВР, вчера информираше дека се приведени две лица под сомнение за кривични дела „примање поткуп“ и „примање награда за противзаконито влијание“, по што директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, потврди дека во координирана акција со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, приведени се две лица, меѓу кои и директор на здравствена установа, поради сомнение за примање поткуп во износ од 20.000 евра.

Министерот за здравство Арбен Таравари вчера, исто така, реагираше во врска со апсењето на директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември Скопје” за примање поткуп. Тој потенцира дека испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности.

Директорот на Геријатриската болница „13 ноември“, Мухсин Арифи, беше назначен за в.д. директор на Геријатрија во јули минатата година од страна на министерот за здравство Арбен Таравари. Претходно беше директор на психијатриската болница во Бардовци. дма/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан