• понеделник, 23 декември 2024

Околу 8.000 учесници на седмото издание на „Вози право, вози здраво“ во поддршка на здравите животни навики

Околу 8.000 учесници на седмото издание на „Вози право, вози здраво“ во поддршка на здравите животни навики

Скопје, 29 мај 2023 (МИА) - Околу осум илјади граѓани од различни возрасти вчера по седми пат излегоа на скопските улици со своите алтернативни превозни средства за да бидат дел од настанот „Вози право, вози здраво“. На традиционалниот настан во организација на Стопанска банка АД-Скопје, граѓаните со своите велосипеди, тротинети, ролерки, скејтборди, а некои и со колички за бебе, возеа од Порта Македонија до Градскиот парк.

Како што информира Стопанска банка, граѓаните ја поддржаа мисијата за промоција на велосипедот како урбана форма на транспорт, со цел стекнување здрави навики и подобра животна средина.

На најсреќните учесници на „Вози право, вози здраво“ им беа доделени 50 награди и тоа вредносен ваучер од 12.000 денари, кој како прва награда го обезбеди Град Скопје, а на настанот го додели генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров. Доделени се и 49 награди од Стопанска банка, односно 7 велосипеди за возрасни Specialized, 7 детски велосипеди Specialized, 7 кациги Specialized, 7 Air pods, 7 Garmin часовници, 7 спортски ранци и 7 JBL слушалки. Дел од посетителите добиле над 200 утешни награди, како маици, ТОПСИ платенени торби и шишиња за вода.   

Стопанска банка го заокружува изданието на „Вози право, вози здраво“ со донација за изградба и одржување на велосипедската инфраструктура, активности што ќе ги најави и реализира повторно во соработка со Град Скопје.

Минатогодишното издание на „Вози право, вози здраво“ резултираше со донација за 15 средни училишта во Скопје кои Стопанска банка ги опреми со модерни паркинзи за велосипеди наменети за учениците и вработените во училиштата.

„Вози право, вози здраво“ е настан кој масовно ја шири велосипедската култура и ги промовира алтернативните начини на превоз во урбани средини со кои се чува животната средина. Мисијата на Стопанска банка, како што се наведува, трае во текот на целата година преку серија активности насочени кон зачувување на здравата животна средина. мд/сп/

Фото: Стопанска банка 

Остани поврзан